Првиот официјален трејлер за филмот It Ends With Us, со Блејк Лајвли во главната улога, стана еден од најгледаните трејлери изминатава година, пренесува Deadline.

Имено, според податоците на веб-страницата WaveMetrix, трејлерот е прегледан повеќе од 222 милиони пати на различни интернет платформи.
Во првите 24 часа беше прегледан дури 128,1 милиони пати и ги надмина трејлерите за некои од најочекуваните филмски хитови.
Имено, трејлерот за Wicked на Universal е прегледан 112,9 милиони пати во првите 24 часа, додека трејлерот за Barbie, најголемиот минатогодишен блокбастер, е прегледан 101,6 милиони пати.
Филмот It Ends With Us е адаптација на истоимениот роман на популарната писателка Колин Хувер. Сценариото за филмот го напиша Кристи Хол, а го режираше Џастин Балдони, кој игра една од главните улоги.
Приказната ја следи Лили Блум (Лајвли), млада жена која се обидува да избега од трауматичното детство и оди во Бостон, каде што ја отвора цвеќарницата од нејзините соништа. Лили се вљубува во шармантниот неврохирург Рајл Кинкејд (Балдони), со кој влегува во врска, но набрзо сфаќа дека нивната врска е токсична како и врската на нејзините родители. Сè станува комплицирано откако во нејзиниот живот се враќа Атлас Кориган (Брендон Скленар), нејзината прва љубов.
Споредните улоги ги толкуваат Џени Слејт, Хасан Минхаџ и Ејми Мортон. На филмот работеа Sony Pictures и студиото Wayfarer.
It Ends With Us пристигнува во кината на 9 август оваа година.