Откако беа објавени информации за целосното фијаско со проектот „романскиот Golden Gate“, односно мостот „Braila“ кој чинеше 500 милиони евра, медиумите во оваа земја собраа информации за сите потешкотии на овој проект од неговото официјално отворање.
Мостот „Braila“, кој треба да поврзе два источни региони на Романија, е и трет по големина висечки мост во Европа, а проектот помпезно се најавува веќе подолго време.
Меѓутоа, само четири месеци откако мостот беше официјално пуштен за сообраќај, властите мораа двапати одново да го асфалтираат.
„Од место на место се забележуваат сè подлабоки пукнатини на мостот. За ова треба да одговара инвеститорот што го изградил“, изјавија тогаш граѓаните.
Откако мостот беше асфалтиран по втор пат во октомври 2023 година, во април 2024 година се појавија нови проблеми.
Имено, возачите се пожалија дека асфалтот повторно е нерамен, а министерството издаде наредба за ново асфалтирање. Исто така, анализата покажала дека од 100.000 вградени завртки во мостот, 400 од нив биле лабави и може да се извадат без поголеми проблеми.
На крајот на јули годинава граѓаните повторно се пожалија на квалитетот на асфалтот, а министерството исто како и досега нареди ново асфалтирање.
Иако граѓаните упатија голем број критики, надлежните служби делумно ги обвинија и Романците за настанатата состојба и констатираа дека проблемите настанале токму поради возачите кои не ги почитувале тонажните ограничувања во деновите на високи температури.
Со вкупна должина од 1.975 метри, мостот „Braila“ е најдолг во Романија и трет најдолг висечки мост во Европа. Истовремено, овој мост ќе го поврзува романскиот регион Молдавија со источниот дел на земјата, а прелиминарните проценки укажуваат дека преку него дневно ќе поминуваат 5.000 автомобили.
Што се однесува до парите, Романија со помош на Европската Унија одвои 500 милиони евра за изградба на овој мост и тој треба да ја претставува гордоста на оваа земја.
За изградбата на овој мост се искористени 52.360 тони челик и 297.000 тони бетон.