Ладните и врнежливи есенски вечери се идеални за да останете дома и да уживате во добар избор на филмови и ТВ-серии. Подгответе ги пуканките и другите закуски, викнете друштво (ако сакате, секако!) и потонете во магијата на подвижните слики.
Сигурно ќе ве заинтригира најмалку еден наслов од овие три серии што предлагаме да ги гледате оваа есен, а не се на класичните листи на „извикани“ ТВ-серии.
Condor
ТВ-адаптацијата на шпионскиот класик „Six Days of the Condor“ го следи младиот аналитичар на ЦИА Џо Тарнер кој разви алгоритам што помага во идентификувањето терористи. Но, кога Џо ќе открие дека неговиот софтвер се користи за шпионирање на американските граѓани, целиот негов тим ќе биде убиен. Џо мора да се преиспита себе си како личност и своите способности за да ја разоткрие заверата што им се заканува на милиони луѓе.
When heroes fly
Во фокусот на оваа трилер серија снимена по истоимениот бестселер, се четворица пријатели, воени ветерани од специјална единица, кои по 11 години повторно ќе се обединат за да изведат една последна спасувачка мисија што е многу лична за нив. Откако ќе дознаат дека поранешната девојка на еден од друштвото и сестра на друг, се наоѓа во колумбиската џунгла, тргнуваат да ја спасат, но сфаќаат дека ако сакаат да преживеат и самите, ќе мора прво да ги победат демоните што ги раздвоиле.
Todo por el juego
По уште еден во низата порази на второлигашот Депортиво Леонес, градежниот инвеститор и фудбалски фан Маријано Идалго почнува план да го замени претседателот на клубот, Фернандо Салдања. Но, за низата порази не е виновна само управата, туку и напаѓачот Делгадо кој прима мито од меѓународни банди кои местат натпревари. Во тоа време, Пикос, аргентински фудбалски менаџер, бара талантирани играчи кои би ги донел во Шпанија. Фиктивната приказна за вистинските проблеми со кои се соочуваат сите играчи во фудбалската игра ќе ги заинтригира и оние кои не се страстни љубители на фудбалот.