Здравје

Трудниците кои пушат и пијат алкохол се стигматизирани и го прават тоа во тајност

19. февруари 2019 - 16:26 | А.С.

Стигмата околу пушењето цигари и пиењето алкохол во бременоста ги наведува трудниците да го прават тоа во тајност, покажа едно најново истражување на Универзитетот во Кардиф.

Научниците открија дека негативните реакции од средината на пушењето цигари и консумирањето алкохол кај трудниците создава иритација и поради тоа се отуѓуваат.

Според неодамна собраните податоци, повеќе од една петтина од жените во Велс пушеле кога дознале дека се бремени.

Исто така, жените кои биле вклучени во ова истражување, а кои пушеле цигари, откриле дека имале непријатни искуства со бабици кои им давале совети за здравјето со „осудувачки тон“, поради што имало помала веројатност дека ќе побараат совет и поддршка. Некои од нив поради пушењето добивале негативни реакции и од партнерите.

Голем дел од учесничките во истражувањето, пушачи и непушачи, рекле дека пушењето во тајност е прифатливо во бременоста, што се коси со нивните ставови за пушењето во јавност.

„Моралните осудувања насочени кон идните мајки главно се однесуваат на тоа како се однесуваат трудниците кога е во прашање здравјето, ана удар на критики особено се нашле мајките од работничка класа“, вели доктор Ејми Грант од Истражувачкиот центар при Универзитетот во Кардиф, која додава дека истражувањето покажало дека коментарите на другите мајки им биле толку иритантни на трудниците кои пушеле, што ја намалувало веројатноста дека ќе побараат помош.

„Никој не сака да биде осудууван и да се срами“, вели доктор Грант.

На жените строго им се советува да не пушат во бременоста бидејќи хемикалиите во цигарите му штетат на нероденото дете и го ограничуваат неговото примање на кислород.

Лекарите препорачуваат жените кои се бремени или планираат да забременат да не пијат алкохол за да се сведе на минимум ризикот за бебето.

„Пиењето алкохол во бременоста може да доведе до трајни оштетувања кај бебето, а колку повеќе пиете, толку е поголем ризикот“, советуваат од Националната здравствена служба на Велика Британија.

Кралскиот колеџ на акушери и гинеколози истакнува дека не постои безбедна количина на алкохол што е дозволена за време на бременоста.

Коментирај