Свет

Турската офанзива во Сирија ќе предизвика раселување на 300.000 луѓе

10. октомври 2019 - 9:20 | МИА/КАЈГАНА
Меѓународниот комитет за спас (ИРЦ) предупредува дека турската офанзива во североисточниот дел на Сирија може да предизвика раселување на 300.000 луѓе и да ги загрози активностите на хуманитарните организации.

– ИРЦ е длабоко загрижен поради влијанието на овие настани врз цивилите, вклучително и нашите членови и нивните семејства и дестабилизирачкиот ефект што ќе го има врз населението оптоварено со осумгодишниот судир во Сирија. Голем број од овие луѓе веќе повеќе пати биле раселени и страшно страдаа под бруталната власт на Исламска држава, само за да се соочат со уште една криза, изјави директорката на ИРЦ, Митси Басвел.

Се очекува населението да се упати кон Рака, град разорен во борбите против ИД.

ИРЦ упати апел до турската Влада да ги запре нападите и сите страни да го почитуваат меѓународното право за заштита на цивилите. 

Телевизијата Al Hadas вчера објави дека турските ВВС извршија вкупно 16 напади врз позиции на курдските бунтовници, врз нивни контролни пунктови и бази во населените места Мешрафија, Хирбет-Банат, Ал Асадија и Бир Нух. Густи облаци од чад се издигнуваат над тие реони.

Турција, исто така, ги нападна и градовите Дарбасија, Маликија, Камишли во провинцијата Хасака, како и градовите Тел Абјад и Ајн Иса во Рака.

Се зголемува приливот на бегалци од граничните населени места.

Коментирај