Управниот одбор и членовите на Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ целосно ги осудуваат нападите врз членовите и соработниците на Здружението кои деновиве се случуваат на социјалната мрежа „Х“ (поранешен Twitter).
Во изминатите два дена, група твитерџии скриени зад своите анонимни профили недолично и со говор на омраза го коментираат последното издание на мултимедијалниот настан „Клинци“ што се одржа на 17 октомври 2024 во просториите на Europe House – Скопје. Во рамки на мултимедијалниот настан младите поети и поетеси Марија Ангеловска, Марија Велинова, Сатја Александар Давитков и Марко Иван Кочишки се претставија со своја авторска поезија и проза, младиот уметник Филип Мартиновски се претстави со своја ликовна изложба, а модератор на настанот беше младиот поет Андреј Медиќ Лазаревски.
„Испровоцирани од организаторите на настанот, местото на неговото одржување, како и изгледот и имињата на учесниците од настанот, групата корисници на Твитер ги окарактеризираа младите уметници како антимакедонски, како оние кои се ‘идни непријатели на Македонија’, а настанот беше ставен во непотребен политички контекст, а кон учесниците на настанот беа упатени дискриминирачки коментари за изгледот, облеката, и верувале или не, нивните имиња и презимиња“, стои во реакцијата на „Култура Бета“.
Оттаму додаваат дека реакцијата се објавува со цел да апелираат да се престане со ужасниот однос на поединци кон уметноста и уметниците, како и да прашаат „од кога оние кои создаваат уметност на македонски јазик, со својата уметност ја претставуваат Македонија надвор од нејзините граници и редовно работат на збогатување на уметничкиот и културен живот во Македонија се ‘најголемите непријатели на Македонија’?“
„До кога патриотизмот ќе се мери исклучиво со веење знамиња и омаловажување на сето тоа што не влегува во т.н. мејнстрим патриотизам? И од кога создавањето на уметност од страна на младите уметници може да се карактеризира како ‘извртени вредности’, ‘нешто што треба да се стави под контрола’ и ‘нешто што не можат да го прават луѓе со две имиња или презимиња’?“, стои понатаму во реакцијата.
„Култура Бета“ со својата работа првин дава можност и простор на млади и неафирмирани уметници да го претстават своето творештво на публиката, континуирано вложува во подобрување и унапредување на уметничкиот и културниот живот на оваа држава и со својата работа формира отворена заедница за поддршка, критика и соработка меѓу уметниците.