Фудбал
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА У21 ЕУРО 2021

У21 фудбалерите на замрзнат терен ќе бркаат победа над Фарски Острови

19. ноември 2019 - 11:27 | Ф.З.

Македонската младинска репрезентација попладнево гостува кај аутсајдерот во групата каде на ладно и ветровито време ќе мора да извојува победа.

Младите надежи ќе имаат тешка задача денес. Не поради противникот, кој важи за аутсајдер во нашата квалификациска група и кого во Скопје го победивме со 7:1, туку поради временските услови. Теренот на стадионот „Тоурсвелур“ во главниот град Торсхавн е замрзнат, температурата ќе биде околу 6 степени, а дополнителен проблем е и ветрот кој дува од југоисточен правец.

Селекторот Благоја Милевски синоќа имаше проблеми да го одржи единствениот планиран тренинг, токму поради временските услови.

„Очекувам сосема различен натпревар во однос на дуелот кој го одигравме во Скопје. Фарските Острови воопшто не се наивна репрезентација, а тоа го покажаа на натпреварите во овој квалификациски циклус. Нема да биде лесно, но се надевам дека сите фудбалери ќе бидат на висина на задачата и максимално сконцентрирани“, рече синоќа селекторот.

Македонија во четвртокот го претрпе првиот пораз во групата откако со 3:0 загуби на гости кај фаворитот Шпанија. Победата против денешниот противник е императив поради борбата за второто место.

„Во нашиот состав веројатно ќе има промена или две во однос на составот со Шпанија. Против Шпанците бевме одлични на тактички план, посебно во дефанзива, имавме проблеми во транзицијата од одбрана во напад, но јас сум задоволен од начинот на кој тактички се спротивставивме. Сега е сѐ поразлично, условите на теренот и сѐ околу е чиста импровизација, теренот е замрзнат и поради тоа не одработивме ниту дел од програмата за тренинг, изјави селекторот на македонската репрезентација“, заврши Милевски.

Фарските Острови и Македонија играат денеска од 18 часот. Сабајлево во 10 часот беше извршен преглед на состојбата на теренот и досега не е донесенa одлука за одложување на натпреварот.

Коментирај