Шестмина доселеници од централна Азија се уапсени во Санкт Петербург, кој неодамна беше цел на терористички напад во кој загинаа 14 лица. Уапсените се осомничени дека врбувале радикализирани граѓани за извршување терористички акции и борци за џихадистичките групации Џебхат ан-Нусра и Исламската држава во Сирија, но истрагата засега нема сознанија дека се директно поврзани со осомничениот во Санкт Петербург.
„Како резултат на истражните дејствија и оперативни активности од страна на иследниците, заедно со регионалните управи на Федералната служба за безбедност (ФСБ), руското министерство за внатрешни работи и специјалните сили на Руската гарда приведени се шест државјани на земји од Средна Азија, кои во Русија дошле барајќи работа“, се наведува во соопштението на истрагата, пренесува агенцијата ТАСС.
Според истрагата, уапсените од ноември 2015 година во Санкт Петербург вршеле врбување и регрутирање на имигранти главно од централна Азија, за извршување терористички напади и приклучување на џихадистичките организации Џебхат ан-Нусра, сириското крило на Ал Каеда, и Исламската држава.
„Истрагата внимателно ќе ги провери сите врски и контакти на притворените, но треба да се истакне дека во овој момент не поседуваме информации за поврзаност и блискост на приведените со извршителот на терористичкиот напад на метро станицата во Санкт Петербург“.
Според сознанијата на руските медиуми сега се вршат претреси на домовите на приведените, во кои е запленета исламистичка литература, предмети и документи што може да имаат важност во истрагата. Во текот на денот се очекува на осомничените да им биде одреден притвор и подигнување обвиненија.
Како виновен за експлозијата во вагон меѓу станиците на подземната железница Националниот истражен комитет го осомничи 22-годишниот Акбаржон Џаилов, државјанин на Киргистан.