Двата континентални шампиони ќе одиграат еден вид Суперкуп и тоа во јуни 2022 година, во пресрет на Мундијалот во Катар.
Откако ФИФА го укина Купот на конфедерациите на кој учествуваа сите шест континентални шампиони плус светскиот шампион и домаќинот на претстојниот Мундијал, а се одржуваше една година пред секој Мундијал, сега Европа и Јужна Америка решија меѓусебно да го воскреснат ова натпреварување.
„УЕФА и КОНМЕБОЛ денеска објавија проширување на нивната постојна соработка како и организација на натпревар помеѓу ЕУРО 2020 шампионот Италија и Копа Америка 2021 победникот Аргентина за време на интернационалниот прозорец во јуни 2022 на локација која допрва ќе биде потврдена“, соопшти европската куќа на фудбалот.
Како што објави УЕФА, договорена е соработка за организирање на три вакви натпревари, што значи дека настанот нема да застане само на натпреварот Италија - Аргентина, туку ќе се повтори и во иднина, најмалку уште двапати.
Со оглед на тоа што со укинувањето на Купот на конфедерациите и со воведувањето на дуелот УЕФА - КОНМЕБОЛ шампионите на Африка, Азија, Океанија и Северна Америка се на некој начин тргнати настрана, за очекување е наскоро иницијатива и од нивна страна и воедно и нивно приклучување со што пак на некој начин ФИФА би била приморана да го врати укинатиот куп помеѓу сите континентални победници.
За потсетување, Купот на конфедерациите последен пат се одржа во 2017 година во Русија кога тогаш актуелниот светски шампион Германија во финалето го совлада јужноамериканскиот шампион Чиле со 1:0. ФИФА прво објави дека Купот наместо во Катар ќе се одржи во друга азиска земја, а поради тоа што во Катар температурите во јуни се екстремни, додека пак нема можност повторно да се пореметува меѓународниот фудбалски календар како за Мундијалот и да се игра во ноември/декември, но подоцна се реши целосно да го укине.