Македонија

Угинати риби во Брегалница

12. октомври 2018 - 15:20 | МИА

Делчево, 12 октомври 2018 (МИА) - Локални риболовци во текот на вчерашниот и денешниот ден по течението на реката Брегалница во Делчево забележале угинати риби.

Тие велат дека, за разлика од пред три месеци, кога угинатите риби можеле да се забележат во горниот дел на реката Брегалница, сега ситуацијата е обратна. 

„Во изминатите два дена видлива е појавата на угинати примероци на мрена. Мртвите риби се забележани на потегот од долниот мост во продолжение по течението на река Брегалница и се забележливи на растојание од неколку метри. Интервениравме до надлежните и очекуваме реакција“, велат дел од риболовците.

Додаваат дека се повторува сликата од летните месеци кога големо количество риби угинаа во реката.

„Сега има многу помалку угинати риби. Апелираме, сепак, да не се повтори ситуацијата од летните месеци кога имавме страшен помор на риби во Брегалница. Тогаш се зедоа мостри, но до ден денес никој не излезе да каже што беше причината за поморот“, велат тие.

Последниот помор на риби во Делчево се случи во месец јули кога казни за сторителите најави лично делчевскиот градоначалник Горан Трајковски.

Коментирај