Рано утринава во напад на украинско беспилотно летало е повредено едно лице и оштетени станбени згради во два клучни града на руската Саратовска област, објави гувернерот на регионот, југоисточно од Москва.

Гувернерот Роман Басургин изјави дека станбен комплекс во градот Саратов бил оштетен од урнатините што паднале откако руските системи за противвоздушна одбрана уништиле украински беспилотни летала.
„Жена е хоспитализирана и во тешка состојба. Лекарите се борат за нејзиниот живот“, нагласи Басургин.
Според него, итните служби веднаш се појавиле на погодените локации во Саратов и Енгелс, два клучни града во овој регион, неколку стотици километри југоисточно од Москва.
Потсетуваме дека во Енгелс има воена база за стратешки бомбардери, кои Украина ги напаѓа долго време откако Русија ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година.
Засега нема информации за штетата на базата, ниту за размерите на овој последен напад врз областа која се наоѓа на неколку стотици километри од границата со Украина.
На видеата објавени на Telegram се гледа оштетена повеќекатница во речиси милионскиот Саратов, додека во Енгелс е оштетен последниот кат од станбена зграда.
WATCH: Drone crashes into high-rise building in Saratov, Russia pic.twitter.com/IIf1TU7ijg
— BNO News (@BNONews) August 26, 2024