Цената на златото денеска се искачи на ново рекордно ниво, бидејќи пандемијата на COVID-19 ги намалува економските изгледи, па овој благороден метал станува сè попривлечно засолниште за инвеститорите, иако аналитичарите велат дека овој брз раст може да предизвика некои корекции.
На денешното тргување во 11:52 часот според GMT, златото достигна ново рекордно ниво од 2.059,09 долари за унца, зајакнувајќи за 0,9 проценти во однос на претходниот ден. Цената на американските фјучерси на злато се зголеми за 1,0 проценти, на 2.069 долари.
Златото забележа добивка и покрај малото засилување на доларот, кој профитираше од намалувањето на расположението кон ризикот, бидејќи инвеститорите чекаа податоци за состојбата на американскиот пазар на трудот како еден од реперите во однос на состојбата во најголемата економија во светот.
Цената на златото годинава се зголеми за повеќе од 35 проценти, бидејќи златото се смета за имот што ќе ја зачува својата вредност, додека пандемијата и печатењето пари на централните банки ќе ја еродираат вредноста на другите средства.