Ракомет
ЕХФ ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО РАКОМЕТ 2020

Унгарија се моли во Норвешка, Словенија во Португалија

22. јануари 2020 - 14:11 | Ф.З.

Денеска ќе биде познат и последниот полуфиналист, а тоа ќе биде една од селекциите на Словенија и Унгарија.

Најпрво од 16 часот Унгарците ќе мора да ја совладаат незгодната репрезентација на Португалија која е вистинско изненадување на првенството. Ракометарите на оваа пред сѐ фудбалска земја првпат по 2006 играат на ЕУРО и веднаш оставија одличен впечаток.

Во првата фаза го победија актуелниот европски шампион Франција, потоа Босна и Херцеговина и на сметка на бранителот заминаа во втората фаза. Таму почнаа фуриозно, со 10 разлика совладувајќи го кодомаќинот Шведска која беше посрамотена пред сопствената публика. Потоа следуваше пад на формата и два пораза од Словенија и Исланд, но затоа денеска со победа ќе го остварат својот најдобар пласман, борба за 5-тото место. Нивниот голман Алфреду Кинтана со 32% одбранети удари (65 од 202 шута) е во топ 10 на првенството.

Унгарија синоќа тотално потфрли против елиминираната Шведска и дури не успеа ниту да стигне до бројката од 20 голови губејќи со 18:24. Пирова победа за Швеѓаните и расипани сметки за Унгарците.

Победа на Унгарија над Португалија ќе ѝ ги искомпликува плановите на Словенија. Словенците беа поразени во меѓусебниот дуел со Унгарците па со ист број на бодови Унгарија ќе оди во полуфинале, додека Словенија ќе разигрува за 5-тото место.

Предност за Словенците е што играат подоцна, од 18.15 часот и ќе го знаат исходот од дуелот Унгарија - Португалија. Победа на Унгарија ќе значи дека ќе треба да ја победат досега непобедената Норвешка, или да освојат најмалку бод. Победа на Португалија ќе значи дека Словенија со било каков резултат е полуфиналист, а дуелот со Норвешка ќе биде само борба за првото место во групата. Главен адут на Словенците денеска е Јуре Доленец кој е петти најдобар стрелец со 32 гола од 52 шута (62% реализација), но затоа пак на спротивната страна Норвежаните го имаат најдобриот, Сандер Сагосен кој досега стрелаше 51 пат.

Денеска во двете групи се игра последното коло, а задутре се играат полуфиналните натпревари.

Група I

16.00: Хрватска - Шпанија
18.15: Белорусија - Австрија
20.30: Чешка - Германија

Група II

16.00: Португалија - Унгарија
18.15: Норвешка - Словенија
20.30: Исланд - Шведска

Коментирај