Свет

Ураганот Мајкл ја покоси Флорида – илјадници граѓани не се евакуираа навреме

11. октомври 2018 - 9:53 | А.С.

Третата најсилна бура во историјата на САД ја погоди северозападна Флорида, предизвикувајќи поплави, огромна материјална штета и прекин на електричната енергија.

Ураганот Мајкл удри вчера попладне како бура од четврта категорија со ветрови од 250 км/ч.

Досега се регистрирани две жртви, од кои едната е дете врз кое паднало откорнато дрво.

Невремето остави речиси 500.000 луѓе без електрична енергија во Флорида, Алабама и Џорџија, соопштија службите за вонредни ситуации.

Мајкл однесе најмалку 13 животи кога помина низ Централна Америка – шест во Хондурас, четири во Никарагва и три во Ел Салвадор.

Досега со поголем интензитет на удар биле само ураганот на Денот на трудот во Флорида во 1935 година кој не добил име, и ураганот Камил што го погоди Мисисипи во 1969 година.

Брзото засилување на ураганот можеби беше изненадно, но бурата беше најавено со недели претходно. Повеќе од 370.000 луѓе во Флорида добија наредба да се евакуираат пред да удри ураганот, но службите велат дека многу граѓани не ги послушале препораките и не се евакуирале на време или воопшто не се евакуирале.

Коментирај