По извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизијата на усогласеност на Централниот регистар на Република Северна Македонија за 2023 година, Државниот завод за ревизија изразува неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива.

Со извршената ревизија, според објавеното, утврдена е несоодветно воспоставена сметководствена евиденција на дел од градежните објекти со набавна вредност од 186.635 илјади денари, кои на Централниот регистар му се доделени со извршената трансформација на поранешниот Завод за платен промет. Причина за оваа состојба е несоодветниот третман на градежните објекти како државна поддршка, што влијае на искажаните податоци во финансиските извештаи.
Несоодветно евидентирање е утврдено и кај завршените вложувања во изградба и реконструкција на градежни објекти во износ од 15.185 илјади денари за кои не се преземени активности за ставање во употреба иако Централниот регистар објектите ги има во владение и поседува имотен лист.
И по изминати пет години од набавката на мебел со вредност од 1.360 илјади денари, тој не е ставен во употреба поради што постои ризик да се оштети и да изгуби од својот квалитет.
Ревизорите утврдиле дека во деловните книги не е евидентирано земјиштето на кое е изграден административниот објект Палата „Лазар Поп Трајков“ и кое со одлука на Владата во 2013 година е доделено на трајно користење на шесте државни институции. За ова земјиште, по завршувањето на ревизијата, законскиот застапник презел активности и тоа е воведено во евиденцијата на Централниот регистар.
Извршена е продажба на патнички моторни возила, без да се обезбеди согласност од Владата, со примена на интерен правилник, кој не е усогласен со постапка за отуѓување предвидена во Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост.
Во 2023 година Централниот регистар оствари приходи од 367.738 илјади денари за извршените услуги поврзани со упис, обработка и дистрибуција на податоци, при што за овие услуги наплатува соодветен надоместок утврден со тарифа од управниот одбор по согласност од Владата. Меѓутоа, ревизијата утврди дека податоците за бројот и видот на извршените услуги не се во согласност со искажаните приходи во сметководствената евиденција, што ги доведува во прашање точноста и целосноста на прикажаните приходи. Главни причини за ова се недостиг на софтверско решение за поврзување на извршените услуги со наплатениот надоместок, отсуство на контроли при евидентирањето на приходите и примената на попусти или бесплатни услуги во одредени случаи.
Во извештајот ревизорите известуваат за несервисираната обврска за долгорочен стоков кредит во износ од 1,4 милион евра, односно 86.093 илјади денари, која произлегува од договор од 2007 година склучен со Министерството за економија за користење на дел од средства одобрени од Меѓународната банка за обнова и развој во рамките на проектот за реформа на деловното опкружување и институционално зајакнување, кој требало да биде отплатен заклучно со октомври 2021 година. По насоки од Владата, во 2020 година била формирана работна група за утврдување на статусот и третманот на обврската, но сè уште не е донесен конкретен заклучок за постапување.
Исто така, утврдени се неусогласености на одредбите од Законот за Централниот регистар и Законот за административните службеници во делот на пресметка на платите на вработените административни службеници. Утврдени се и неправилности во спроведувањето на постапките за вработување на административни службеници.
Постојат законски недоречености во однос на дефинирање на статусот на Централниот регистар на Република Северна Македонија, определување вредност на основна главнина, прецизно назначување носител на право на сопственост (основач) и начинот на финансиското известување, кои влијаат врз начинот на вршење на дејноста.
Во извештајот е истакнато дека три од воспоставените регистри, и тоа: регистар на задолжници, фидуцијарен регистар и регистар за продажба на подвижни ствари со задржување право на сопственост не функционираат во пракса, и од нов не се остваруваат приходи и покрај тоа што има создадени технички можности и услови за нивно користење.
Како причина за нефункционирањето на овие регистри се наведува неприменувањето задолжница/договори за обезбедување побарувања во должничко-доверителските односи во пракса.
Констатирани се и други состојби, неправилности и неусогласености од разна природа, кои се однесуваат на: нецелосно извршен попис на средствата и обврските, несоодветно пресметување амортизација на средствата, непреземени активности за законско отуѓување на расходуваните средства иако тие се отстранети од сметководствената евиденција, не е воспоставено следење на имплементацијата на проектите во согласност со донесената стратегија за развој 2023–2027 година.
За надминување на констатираните состојби дадени се препораки со цел преземање мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.