Има 26 години, досега играше за Гронинген, Селтик и Саутемптон. Настапуваше 16 пати за репрезентацијата. Вирџил Ван Дајк е најскапиот дефанзивец во историјата на фудбалот.

Денеска стана навистина потполно бесмислено да се дискутира околу тоа дали некој играч ги вреди тие пари кои одреден клуб ги издвоил за да го доведе.
Токму поради тоа, нема никаква смисла да се дискутира ниту дали Ван Дајк вреди близу 80 милиони евра, колку што за него плати Ливерпул.
Но, сепак, мораме да се запрашаме што може да понуди и што се очекува од играч, кој е платен повеќе од, на пример, Зинедин Зидан? Од играч кој е околу 25 милиони евра поскап отколку целата последна линија на моќниот Баерн од Минхен?
„Ливерпул плати многу пари за мене, но не можам ништо да променам, никој не може. Пазарот е таков. Единствена работа која можам да ја направам е напорно да тренирам, да направам добри работа и да бидам максимално подготвен секој ден“, изјави Ван Дајк на претставувањето на „Енфилд“.
„Сите во Енфилд знаат каков играч е тој, колку е жив, колку ги прави соиграчите подобри и колку самодоверба им носи. Совршено ми одговара и на мене. Мислам дека може да стане уште подобар играч. Многу сум среќен што ќе соработувам со него“, изјави Јирген Клоп.
Пеп Гвардиола исто така беше заинтересиран да го види Ван Дајк во своите редови, но самиот играч преферираше повеќе трансфер во Ливерпул, отколку во Сити.
Клоп се обидува да употреби веќе веќе тестиран шампионски рецепт во Премиер лигата, бидејќи доаѓањата на Рио Фердинанд во Манчестер Јунајтед и Сол Кембел во Арсенал своевремено, претставуваа столбови на долгогодишна доминација на овие клубови во Англија, но и во Европа.
Меѓутоа разликата е сепак голема.
Кембел и Фердинанд беа сметани за едни од најдобрите дефанзивци во светот уште пред да ги направат тие трансфери.
Фердинанд дури важеше и за најдобар централен дефанзивец во својата ера, додека Ван Дајк не е ниту во потесната конкуренција за такво достигнување.
Сепак како и да е, Ван Дајк можеби сега не е ниту приближно до калибарот на споменатите Фердинанд или Кембел, но факт е дека во Ливерпул ќе има прилика да се трансформира во еден од најдобрите штопери на денешницата, талентот и потенцијалот ги поседува, сега има и услови, па едноставно се е на негова страна.
Дали целото тоа вреди 85 милиони евра, како што рековме, тоа е навистина бесмислено прашање, бидејќи денеска во фудбалот ретко кој играч ја вреди сумата која е издвоена за него.