Гоце Седлоски е новиот тренер што ќе се обиде да го спаси последнопласираниот Вардар откако кратко траеше и авантурата на Срѓан Захариевски.
По поразот во Дербито на Македонија во Битола од Пелистер, Захариевски спогодбено го раскина договорот со најтрофејниот македонски клуб.
Утринава клубот на Х објави дека нов предводник е поранешниот репрезентативец Гоце Седлоски.
„АД ФК Вардар го назначи Гоце Седлоски за нов шеф на стручниот штаб на клубот“, стои во краткото клупско соопштение.
АД ФК Вардар го назначи Гоце Седлоски за нов Шеф на стручниот штаб на клубот. pic.twitter.com/WOdEWxpuqU
— FCVardar (@VardarFC) November 5, 2024
Популарниот Седло е дури четврти тренер што ќе седне на клупата на Вардар оваа сезона, од која поминаа 13 кола. Претходно „Црвено-црните“ ги предводеа Горазд Михаилов, Горан Петрески и Срѓан Захариевски.
Седлоски веќе беше тренер на Вардар од 2015 до 2017 кога успеа двапати да ја освои титулата во првата лига. Тогаш на располагање имаше силен тим и голем буџет, а сега доаѓа во тешки времиња.
Првиот предизвик за Седлоски ќе биде веќе в сабота кога Вардар на домашен терен ќе го пречека лутиот ривал од преку реката - Шкупи. Потоа следува репрезентативна пауза, период што добро ќе му дојде на новиот тренер за анализи и можеби некоја пријателска.
Последен ангажман на Седлоски беше во Работнички каде минатата сезона се задржа кратко, водејќи ги „Романтичарите“ на 11 натпревари на средина на сезоната.