Фудбалската федерација на Македонија денеска го одреди местото на одигрување на бараж натпреварот за пополнување на првата лига, а во кој учествуваат скопски Вардар и Детонит Плачковица од Радовиш.
Вардар го направи првиот чекор кон избегнување на испаѓањето од првата лига откако сезоната ја заврши на 10-тото место, едно над оние две што водат во понизџок ранг. Но, тоа беше само првата битка од војната за опстанок оти 10. место носи во бараж разигрувањето против третопласираната екипа кај второлигашите.
Во втората лига трета заврши екипата на Детонит Плачковица, која деби настап во елитата сонува преку елиминација на македонскиот великан.
Денеска ФФМ информираше дека е донесена одлука овој натпревар да се одигра во Струмица, на стадионот „Благој Истатов“, порано познат како „Младост“, инаку дом на Беласица.
Натпреварот ќе се игра в недела од 17:00 часот. ФФМ дополнително ќе ја одреди судиската четворка која ќе ја дели правдата. Победникот наредната сезона ќе игра во првата, а поразениот во втората лига.
Стадион „Благој Истатов“ во Струмица
Вардар (1.МФЛ) - Детонит Плачковица (2.МФЛ)
Од Вардар информираа дека неговите навивачи ќе бидат сместени на северната трибина, а верќе владее голем интерес. „Поради големиот интерес, најавуваме голем навивачки караван, а за истиот, како и за продажбата на билетите, навремено ќе ја информираме Вардаровата јавност“, објави клубот.
Се очекува масовна посета на Струмица и од Радовиш, со оглед на близината меѓу овие два града. Плачковица сезонава и онака имаше солидна посета на домашните натпревари, а оваа историска шанса радовишани ќе сакаат да ја искористат за му дадат поддршка на својот миленик.