Свет

Вархељи доби зелено светло за комесар за проширување и соседска политика

18. ноември 2019 - 19:28 | МИА

Брисел, 18 ноември 2019 (МИА) – Кандидатот за еврокомесар за проширување и соседска политика од Унгарија, Оливер Вархељи, доби зелено светло од политичките групи во Европскиот Парламент.

Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент што го сослуша кандидатот минатата недела е задоволна со писмените одговори на дополнителните прашања од Оливер Вархељи испратени денеска и даде свое одобрение за тој да ја извршува функцијата комесар за проширување и соседска политика во идниот состав на Европската Комисија.

Европскиот Парламент треба во наредните недели да се состане на пленарна седница и да го изгласа целокупниот состав на тимот на избрана претседателка, Урсула фон дер Лајн. Комисијата би требало да започне со работа на 1 декември, со еден месец задоцнување.

Претходно тројца кандидати беа отфрлени од страна на Европскиот Парламент поради конфликт на интереси или неспособност за извршување на функција, поради тоа Франција, Унгарија и Романија мораа да понудат нови кандидати.

Останува неизвесно кога и дали Обединетото Кралство ќе има свој претставник во идната Комисија. Фон дер Лајн побара од британската влада да испрати кандидат, но британскиот закон не дозволува именување на европски функционери за време на изборни кампањи. Брисел најави можна прекршочна процедура против Британија доколку не понуди кандидат навреме. Лондон треба да ја напушти на ЕУ на 31 јануари 2020.

Коментирај