Музика

Васил Гарванлиев ќе биде македонскиот претставник на Евровизија 2020

15. јануари 2020 - 18:06 | АЛЕКСАНДРА СПАСЕСКА

Македонската радиотелевизија го избра Васил Гарванлиев за претставник на Република Северна Македонија на Изборот за песна на Евровизија 2020 во Ротердам.

Васил беше дел од ланскиот евровизиски тим на Тамара Тодевска како придружен вокал на Евросонгот во Тел Авив.

„Почитувани пријатели, соработници и поддржувачи на мојата музика со особена чест (и многу возбуда) сакам ве известам дека оваа година ја имам можноста, задоволството, и одговорноста да ја претставувам нашата земја на најголемиот музички фестивал - Евросонг во Ротердам.

Оттука, сакам да се заблагодарам на целиот тим од МРТВ кој ме изгласа и одлучи да ми ја даде довербата токму јас да ја имам оваа чест но и одговорност истовремено“, напиша, меѓу другото, Васил на неговиот профил на Facebook.

Уште не се знае со која песна Васил ќе ја претставува нашата земја на Евровизија 2020 што ќе се одржи од 12 до 16 мај.

Според податоците за Васил достапни на Википедија, тој е роден во Струмица на 2 ноември 1984 година. На музичката сцена првпат се појавува на 7 години, а со детската песна „Марионка“ станува популарен, а песната станува евергрин. На 10-годишна возраст се преселил со семејството во САД. По аудицијата во Торонто бил примен на Кралскиот конзерваториум со целосна стипендија и таму останал 9 години. Од 2018 година повторно се врати во Македонија и живее и работи во Струмица.

Тамара Тодевска со песната „Proud“ го постигна најголемиот успех на нашата земја во досегашните учества на Изборот за песна на Евровизија и со кумулативни 305 поени го освои седмото место. Според гласовите на жиријата, песната „Proud“ беше на прво место со освоени 247 поени.

Коментирај