Ракомет

Вечерњи тврди дека Червар е новиот хрватски селектор

8. март 2017 - 13:17 | Макфакс

Денеска е последниот ден кога Лино Червар треба да му одговори на челникот на Хрватскиот ракометен сојуз (ХРС), Зоран Гопац, дали ја прифаќа понудата по седум години повторно да биде селектор на националниот тим на оваа земја.

Лино Червар е актуелен тренер на Металург и селектор на Македонија, a се наоѓа во пол позиција за клупата на Хрватска по отказот кој го доби Жељко Бабиќ поради неуспехот на Светското првенство.

Червар последен пат како селектор ја водеше Хрватска во финалето на ЕП во Австрија. Хрватите го загубија тоа финале од Франција, но седум години подоцна тоа останува последното финале во кое играла Хрватска.

Челниците на ХРС се свесни дека без Червар нема финале, дека по неговото заминување брорбата за бронзата бил максимумот на селекторите Славко Голужа и Жељко Бабиќ.

Весникот Вечерњи, на својата интернет страница, повикувајќи се на свои извори во ХРС, објави дека Червар нема проблем да ја напушти клупата на македонската репрезентација, туку размислува што да прави со Металург, клуб во кој дојде во 2010 година и со кој постигна неверојатни резултати (две четвртфиналиња во Лигата на шампионите).

Истиот извор тврди дека за ХРС е можно да договори соработка со Червар ако тој работи само со хрватскиот национален тим, со напомена дека финасиските детали во договорот нема да бидат проблем.

Според Вечерњи, во оваа фаза од кариерата за Червар финансиите не се важни, туку за него е поважен предизвикот и можноста да стане европски првак со Хрватска, на првенството кое наредната година ќе се одржи во оваа земја.

Хипотетички, доколку тоа го постигне Червар би станал само третиот тренер во историјата на ракометот со златни медали од трите најголеми репрезентативни натпреварувања (Олимписки игри, светско и европско првенство). Червар има олимписко и светско златно, но не и европско.

Во историјата само Русинот Владимир Максимов и Французинот Клод Онеста како селектори освојувале златни медали на овие три големи натпреварувања.

Коментирај