Големото финале на 65-тото издание на Евровизија започнува вечерва во 21 часот во Ротердам, а за титулата ќе се борат вкупно 26 земји.
Натпреварувањето ќе трае 3 и пол часа, а водечкиот тим го сочинуваат: Шантал Јанзен, Едсилија Ромбли, Јан Смит и Ники де Јахер. Редоследот на изведбите е утврден, натпреварот ќе го отвори Кипар, а ќе го затвори Сан Марино.
На големото финале му претходеа две полуфинални вечери, но вечерашната програма ќе изгледа нешто поразлично. Вечерта ќе биде отворена со настап на Данкан, поранешен победник на Евровизија, кој ќе ја изведе својата песна во придружба на пијано, додека зад него ќе биде прикажан краток филм на кој се гледаат луѓе од различни земји како слават и пеат.
Сцената потоа накратко ќе ја преземе диџејот Петер Габриел, по што сите 26 изведувачи (еден по еден) ќе излезат и ќе ја поздрават публиката. Веднаш потоа, водителите ќе се вратат на сцената, со што официјално ќе биде се отворено овогодинешното финале на Евровизија.
Кипар ќе настапи прв, а потоа до осмата песна, која ќе ја изведе групата „Hurricane“ од Србија, гледачите ќе можат без прекин да го следат натпреварувањето. Откако претставниците на Србија ќе го завршат својот настап, започнуваат рекламите. Шоуто потоа продолжува до 16-тата песна, следуваат реклами, по што преостанатите неколку изведувачи го затвораат натпреварувачкиот дел од програмата. Потоа започнува гласањето и се објавува победникот.
Иако беше блиску до израмнување со Италија, Франција сепак би можела да остане на второто место. Голем победник вечерва, според обложувалниците, треба да биде Италија. Малта, која до првата проба ја држеше првата позиција, моментално е на третото место и се смета дека таму и ќе остане.
Србија, која е веројатно најголемиот фаворит во регионот на овогодинешниот избор за песна на Евровизија, од последниот настап во полуфиналето се пресели од 21. на 17. место на табелата, што е голем успех за групата „Hurricane“.
Големото финале ќе може да се следи и на официјалниот канал на YouTube на Евровизија, а во Македонија секако пренос ќе има на МРТ1.