Авто новости

Веќе 15.000 купувачи заинтересирани за малата електрична Honda

6. март 2019 - 17:10 | К.З.

Компактната Honda e Prototype дебитираше вчера на Саемот на автомобили во Женева, а јапонскиот производител се пофали дека интересот за овој модел е огромен, со преку 15.000 потенцијални купувачи од Европа.

Електричниот автомобил на Honda беше главната ѕвезда на штандот на оваа компанија во Женева и тоа со право.

Премиерата на Honda e Prototype привлече огромно внимание на Саемот во Женева, а од компанијата објавија дека веќе успеале да регистрираат 15.000 потенцијални купувачи. Малиот модел на струја е проектиран специјално за европскиот пазар, каде Honda се надева дека дополнително ќе ја зацврсти својата позиција.

И покрај големиот интерес, од компанијата објавија дека сите оние кои сакаат да станат сопственици на овој модел ќе мора да почекаат до лето, кога и официјално ќе можат да започнат нарачките.

Honda e Prototype еволуираше од концептот Urban EV од 2017 година. „Урбано“ е вистинскиот епитет за ова возило, велат од јапонската компанија, со оглед на тоа што неговата автономија со полн капацитет на батериите изнесува релативно скромни 200 километри. Сепак, од Honda велат дека предноста на e Prototype е во тоа што батериите имаат опција за поврзување со брз полнач, па можат да се наполнат до 80% за само 30-тина минути.

Спецификациите на моторот не беа објавени, но од Honda велат дека се работи за електромотор поставен на задниот дел од автомобилот, кој е прилично моќен за возило од оваа големина.

Коментирај