Свет

Венецуела гладува, а Русија ѝ испрати воени авиони

25. март 2019 - 12:05 | А.С.

Два руски воени авиони слетаа на главниот аеродром во Венецуела, со стотина руски војници и огромна количина воена опрема.

Русија спрати воен товарен авион Antonov – 124 и еден Ilyushin IL-62M воен авион во близина на Каракас, согласно техничките воени договори меѓу двете земји.

Според локалните медиуми, во Венецуела стигнале најмалку 100 војници и 35 тони опрема. Ова беше реализирано три месеци откако двете земји одржаа заеднички воени вежби.

Русија е долгогодишен сојузник на Венецуела. Руските власти ѝ позајмија на јужноамериканската земја милијарди долари и ја поддржаа нејзината нафтена и воена индустрија.

Русија исто така јавно се побуни против американските санкции што беа воведени поради властите во Венецуела на чело со Николас Мадуро.

Односите меѓу Русија и Венецуела се зајакнаа во изминативе месеци, откако се влошија релациите Вашингтон-Каракас.

Русите исто така ги осудија обидите на некои странски сили да дадат поддршка за симнување на Мадуро од власт и да го поддржат опозицискиот лидер Хуан Гуаидо за кој Мадуро има изјавено дека зад него стојат „американски империјалисти“.

Венецуела се наоѓа во огромна економска криза. Недостигот на храна и лекови стана секојдневие во земјата. Поради тоа владата на Мадуро станува сѐ поизолирана и за народот кој гладува таа е виновна за моменталната економска состојба. Повеќе од 3 милиони луѓе веќе се иселија од земјата.

Коментирај