
Како што објави BBC, спортскиот гигант Adidas предупреди дека царините што ги наметна американскиот претседател Доналд Трамп ќе доведат до повисоки цени за популарните модели на патики како што се Gazelle и Samba на американскиот пазар.
„Бидејќи моментално не произведуваме речиси никакви наши производи во САД, овие повисоки царини на крајот ќе предизвикаат зголемување на трошоците за сите наши производи наменети за американскиот пазар“, изјави денес извршниот директор на Adidas, Бјорн Гулден.
Компаниите во текстилниот и обувките се меѓу најтешко погодените од новите царини, бидејќи поголемиот дел од своето производство го имаат во земји како Кина и Виетнам, кои сега се соочуваат со значителни американски царини.
Adidas не кажа колку ќе се зголемат цените, но рече дека трговската војна „го запрела“ планираното ажурирање на финансиските прогнози на компанијата. Гулден додаде дека „моментално е невозможно да се квантифицира“ точно колку ќе се зголемат трошоците поради царините или да се процени какво влијание ќе имаат врз побарувачката за производите на Adidas.
„Поради неизвесноста околу преговорите меѓу САД и разни извозници, не знаеме какви ќе бидат конечните тарифи. Затоа не можеме да донесеме никакви конечни одлуки за тоа што да правиме следно“, рече Гулден.
Виетнам стана глобален центар за спортска обувка и сега се соочува со едни од највисоките американски тарифи. Nike, Puma и Adidas имаат големи производствени капацитети во Југоисточна Азија.
Администрацијата на Трамп вели дека тарифите имаат за цел да го охрабрат производството да се врати во САД. Но, компании како Adidas предупредуваат дека на САД им недостасуваат фабрики со специјализирана опрема и работници со потребните вештини за производство на спортска обувка.
Гулден им рече на новинарите дека Adidas го зголемил својот извоз во САД пред да бидат воведени тарифите и ги пренасочил производите од Кина наменети за американскиот пазар кон други пазари за да го ублажи влијанието.
Компанијата ги објави прелиминарните финансиски резултати минатата недела, покажувајќи дека нејзината добивка речиси се дуплирала на 610 милиони евра во првите три месеци од годината, што е најсилниот резултат за тој период во историјата на Adidas.
Моделите како Самба доживеале силна побарувачка, а продажбата расте на сите пазари надвор од САД.
„Иронично, тоа е предност сега кога не сме толку зависни од САД како можеби некои од нашите американски конкуренти“, рече Гулден, осврнувајќи се на главниот конкурент Nike.
Цената на акциите на Adidas беше генерално стабилна на Франкфуртската берза утрово, при што акциите веќе ги надоместија поголемиот дел од своите загуби откако некои од царините објавени претходно овој месец беа делумно суспендирани.