Финската инвестициска фирма CapMan Natural Capital соопшти дека продала околу 24.000 хектари шуми во Латвија и Литванија на Inter IKEA Group, сопственикот на синџирот за мебел IKEA.
Портфолиото на шуми влезе во „зрела фаза од циклусот на создавање вредност“ по повеќе од десет години „активно управување“, се вели во соопштението на финската компанија.
Inter IKEA Group соопшти дека купувањето е во согласност со нејзините цели за „промовирање на одговорно управување со шумите и набавка на локални суровини“. ИКЕА е еден од водечките потрошувачи на дрво во светот.
Трансакцијата мора да биде одобрена од надлежните регулатори, а компанијата проценува дека зделката ќе биде финална во првата половина од следната година.
CapMan Natural Capital наведува дека по продажбата, ќе управува со вкупна површина од 215.000 хектари и ќе ја задржи својата позиција меѓу најголемите независни сопственици на шуми во Европската Унија, со деловна мрежа во осум земји.
Компанијата моментално управува со средства во вредност од 7,1 милијарди евра, се вели во соопштението.