Унгарската компанија Ikarus, која е избрана да произведе 100 нови електрични автобуси за јавниот превоз во Скопје, е едно од најпознатите имиња во европската автобуска индустрија. Иако денес е насочена кон развој на модерни еколошки возила, нејзината историја се протега повеќе од еден век.
Почетоците на компанијата датираат од 1895 година, кога во Будимпешта била основана работилница за изработка на кочии под името Uhry Imre Kovács- és Kocsigyártó Üzeme (Ковачка работилница и фабрика за кочии на Имре Ухри). По Втората светска војна, со спојување на две унгарски компании, во 1949 година е формиран Ikarus, кој во следните децении ќе стане најголемиот производител на автобуси во Унгарија и еден од водечките во светот.
Најголемиот подем компанијата го доживува во 70-тите и 80-тите години. Во тој период произведува повеќе од 10.000 автобуси годишно, а нејзините возила се извезуваат во повеќе од 60 држави. Автобусите на Ikarus беа препознатлив дел од јавниот превоз во земјите од поранешниот Источен блок, но и во голем број држави во Европа, Азија, Африка и Латинска Америка. Се проценува дека во текот на своето постоење компанијата има произведено над 300.000 автобуси, што ја вбројува меѓу најуспешните производители во историјата на оваа индустрија.
По политичките и економските промени во Источна Европа во 90-тите години, Ikarus се соочи со сериозни финансиски проблеми поради губењето на традиционалните пазари. Производството постепено се намалуваше, а компанијата помина низ неколку сопственички и организациски промени.
Во последната деценија брендот Ikarus повторно е активен на пазарот, со фокус на современи автобуси со ниски или нулта емисија на штетни гасови. Денес компанијата развива и произведува електрични автобуси во согласност со современите еколошки стандарди, а своите производи ги нуди на домашниот и на европските пазари.
Изборот на Ikarus за производство на 100 нови електрични автобуси за Скопје претставува едно од најзначајните меѓународни партнерства на компанијата во последните години. Со реализацијата на овој проект се очекува значително обновување на возниот парк на градскиот јавен превоз и намалување на загадувањето преку воведување на современи, еколошки автобуси.