Boeing откри софтверски проблем кај авионите 737 MAX што може да предизвика прекин во работата на една од функциите за автоматско водење на летот при приоѓање за слетување, под одредени околности.
Проблемот е поврзан со софтверот на компјутерот за контрола на летот и може да се појави по прекинато слетување – т.н. маневар за повторен круг („go-around“) – доколку пилотите потоа ја изменат претходно програмираната патека на летот. Boeing ги известил операторите на 737 за овој проблем минатиот месец.
Американските авиокомпании Southwest Airlines и United Airlines го известија Boeing дека засега нема да прифатат испорака на нови авиони што ја содржат засегнатата верзија на софтверот. Наместо тоа, тие бараат новите авиони MAX да бидат испорачани со претходна верзија на софтверот.
Според CBS News, проблемот се однесува на верзиите 14 и 14.1 од оперативниот софтвер на компјутерот за контрола на летот. Alaska Airlines, American Airlines, Southwest и United наведуваат дека авионите 737 MAX што моментално се во активна употреба не ги користат проблематичните верзии.
Дефектот може да се појави при ретка комбинација на околности. По неуспешно приоѓање за слетување, доколку пилотот ја промени програмираната патека на летот додека е вклучен автопилотот, системот за вертикална навигација (VNAV) може да се исклучи и да прејде на поедноставна форма на автоматска контрола на надолжниот наклон (pitch).
Boeing нагласува дека автопилотот не престанува да работи во ова сценарио и дека пилотите се обучени безбедно да управуваат со авионот без VNAV. Компанијата ги потсети операторите на постоечките процедури за такви ситуации и работи на трајно софтверско решение.
Американската Федерална управа за авијација (FAA) потврди дека е запознаена со проблемот и дека соработува со Boeing и авиокомпаниите. FAA ќе го разгледа случајот преку својот одбор за корективни мерки и наведува дека ќе преземе итни мерки доколку се утврди ризик по безбедноста.
CBS News известува дека Boeing првпат дознал за проблемот од една авиокомпанија уште во ноември 2024 година. Во февруари 2025 година, компанијата заклучила дека не станува збор за безбедносен проблем, но оваа година – откако добила дополнителни информации од операторите – иницирала официјална безбедносна проверка. Резултатите биле доставени до FAA овој месец.
Boeing првично ги известил авиокомпаниите дека трајно софтверско решение би можело да биде достапно во 2028 година, но сега се обидува да го забрза развојот.
Овој нов развој на настаните би можел да влијае и врз плановите на Boeing за новите верзии на серијата MAX. Моделот MAX 7 неодамна доби сертификација од FAA, додека MAX 10 сè уште е во процес на сертификација. За MAX 7 беше користена софтверската верзија 14, додека за време на тестирањата за сертификација на MAX 10 се користеше верзијата 14.1.
Според Wall Street Journal и CBS News, регулаторната проверка на софтверскиот проблем би можела да влијае врз завршувањето на сертификацијата на MAX 10, процес кој веќе со години доцни.
Моделот 737 MAX со години е под засилен надзор од регулаторните органи. По двете несреќи со моделот MAX 8 – една во Индонезија во 2018 година и друга во Етиопија во 2019 година, во кои загинаа вкупно 346 лица – употребата на овој тип авион беше суспендирана ширум светот. Подоцнежните истраги открија сериозни проблеми со системот MCAS, кој одигра клучна улога во двете несреќи.
Boeing се соочи со нов притисок на почетокот на 2024 година, кога за време на лет, панелот што го затвораше отворот за дополнителна врата (т.н. „door plug“) отпадна од трупот на речиси нов авион 737 MAX 9 на компанијата Alaska Airlines. Истрагата го поврза инцидентот со производствени дефекти.