Рубљата забележа најголем раст меѓу светските валути оваа година, надминувајќи го дури и златото, традиционално засолниште за инвеститорите, според анализата на Bloomberg.
Од почетокот на годината руската валута зајакна за 38 отсто во однос на американскиот долар на пазарот преку шалтер (OTC). Во исто време, доларот е под притисок поради ескалацијата на трговските војни предводени од американскиот претседател Доналд Трамп, додека рубљата има корист и од домашните фактори, особено од рекордно високите каматни стапки.
„За разлика од многу валути на пазарите во развој, рубљата не е под притисок од одливот на капитал, бидејќи глобалните инвеститори се повнимателни кон поризични средства“, вели Софија Донец, економист во T-Investments.
„Капиталната контрола во голема мера ја заштити Русија, а високите трошоци за задолжување дополнително ја зајакнуваат валутата“, додаде таа.
Растот на рубљата доаѓа и покрај големите санкции наметнати од САД и нивните сојузници по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Основната каматна стапка на Руската централна банка во моментов е 21 отсто, што значително ја ограничи побарувачката за увоз и следствено намалена побарувачка за девизи. Дополнително, извозниците се уште се обврзани да продаваат дел од својата девизна заработка на домашниот пазар, што дополнително ја поддржува рубљата, пишува Bloomberg.
Некои знаци на олабавување на американската политика кон Русија поттикнаа враќање на класичните инвестиции „carry-trade“, инвестициите во валути со високи камати, велат аналитичарите.
„И покрај ризикот од санкции, странските инвеститори бараат пристап до рубљата преку земјите кои одржуваат добри односи со Москва“, рече Искандер Луцко од Istar Capital со седиште во Дубаи.
Дополнително, руските компании масовно рефинансираат скапи заеми во рубли користејќи поевтини заеми во кинески јуани, што дополнително ја зголемува конверзијата на девизи во локална валута, додава Луцко.
Доларот оваа недела падна на најниско ниво во последните шест месеци, поради неизвесноста околу тарифната политика на Трамп. Како резултат на тоа, инвеститорите почнаа да ги повлекуваат средствата од инструментите во долари и да ги пренасочуваат во злато, кое порасна за 23 отсто од почетокот на годината, но останува послабо од рубљата.
Во самата Русија курсот на рубљата порасна за 19 отсто и во моментов изнесува 82,7671 за долар, покажуваат податоците на централната банка. Разликата во однос на меѓународниот пазар се должи на затворањето на локалниот пазар за време на продолжените празници на крајот на минатата година, додека тргувањето во странство продолжи.
Дополнително, тргувањето со долар на Московската берза беше прекинато по американските санкции од минатото лето, па трансакциите се одвиваат преку пазарот преку шалтер, што го отежнува утврдувањето на точната пазарна стапка.
Русија не очекуваше толку силна валута; буџетот за 2025 година предвидува просечен курс од 96,5 рубли за долар, дури 14 отсто послаб од сегашната вредност. Зајакнувањето на валутата, во комбинација со падот на цената на нафтата, може да ги намали приходите од извозот, проблем бидејќи земјата троши огромни суми за воени и социјални програми.
Централната банка вели дека зајакнувањето на рубљата може да се должи на зголемениот интерес за руските средства, делумно поради подобрувањето на геополитичката ситуација. Високата референтна каматна стапка, исто така, останува клучен фактор, се вели во нивниот извештај.
Луцко вели дека потпорните фактори за рубљата сè уште се присутни.
„Засега нема јасни причини зошто рубљата би ослабела, а намалување на каматните стапки не е веројатно во следниот квартал“, заклучува тој.