Повеќе од половина од постоечкиот деловен софтвер би можело да биде заменет со вештачка интелигенција, изјави Артур Менш, извршен директор и основач на Mistral AI.
Неговите коментари доаѓаат во услови на растечка загриженост на инвеститорите за иднината на софтверските компании, чии акции опаднаа во последните месеци, објави CNBC.
Стравот дека вештачката интелигенција би можела да ги преземе функциите на постоечките бизнис програми веќе предизвика распродажба на акциите на големите софтверски имиња.
Инвеститорите се сè повеќе загрижени дека вештачката интелигенција би можела да извршува задачи за кои моментално се користи деловниот софтвер, што би можело да ги загрози бизнис моделите „софтвер како услуга“ (SaaS).
Вредноста на фондот iShares Expanded Tech-Software Sector, кој вклучува компании како што се Microsoft и Salesforce падна за повеќе од 20% оваа година. Акциите на големите индиски софтверски компании како што се Tata Consultancy Services и Infosys.
„Проценувам дека повеќе од половина од она што ИТ секторот моментално го купува во форма на SaaS ќе се префрли на вештачка интелигенција“, рече Менш на маргините на самитот AI Impact во Њу Делхи. „Вештачката интелигенција ни овозможува да развиваме софтвер со брзина на светлината“, додаде тој.
Извршниот директор на Mistral објасни дека компаниите, со „вистинската инфраструктура“, можат да ги поврзат своите податоци со системи за вештачка интелигенција за да креираат апликации за специфични деловни задачи.
„Со нашите клиенти, гледаме дека за само неколку дена можеме да креираме целосно прилагодени апликации за управување со работните процеси, на пример, за набавки или управување со синџирот на снабдување. Пред пет години, за тоа ви беше потребен специјализиран SaaS“, рече тој.
Менш рече дека се случува „промена на платформата“, при што компаниите се свртуваат кон вештачка интелигенција наместо кон постојните SaaS решенија.
„Оваа промена на платформата е голема можност за нас бидејќи веќе имавме над 100 корпоративни клиенти кои ни се обратија сакајќи да го обноват својот ИТ. Тие сакаат да се ослободат од некои од решенијата што ги купиле пред 20 години, а кои стануваат премногу скапи“, објасни Менш. „Тие ја гледаат вештачката интелигенција како начин да го направат системот поефикасен и поевтин“.
Сепак, Менш забележа дека софтверот за системи за складирање податоци „нема да се промени“. Таквиот софтвер е одговорен за податоците во рамките на организацијата и често работи заедно со вештачката интелигенција.
Сличен став дели и Бипул Синха, извршен директор на Rubrik. Во интервју за CNBC, тој рече дека „софтверот за работен тек“ може да биде „значително нарушен од вештачката интелигенција“, но дека софтверот за инфраструктура на податоци што овозможува вештачка интелигенција ќе „има корист“.
Менш, исто така, потврди за CNBC дека компанијата планира да ја отвори својата прва канцеларија во Индија оваа година, влегувајќи на пазар каде што сите глобални технолошки гиганти се натпреваруваат за удел.
Mistral веќе соработува со меѓународни компании со присуство во Индија и сега активно бара потенцијални клиенти со седиште во земјата, и во јавниот и во приватниот сектор.
За разлика од Европа, каде што гради свои центри за податоци, Mistral ќе има поинаков пристап во Индија. Планира да соработува со компании кои веќе имаат физичка инфраструктура во земјата, рече Менш.
Индиската влада го охрабрува развојот на модели на вештачка интелигенција кои можат да работат локално, со податоци складирани во земјата. Големите јазични модели на Мистрал веќе поддржуваат различни индиски јазици, како што се хинди и панџаби.
„Ова е нешто што ќе биде исклучително важно за индискиот потрошувачки пазар на долг рок“, заклучи Менш.