Вчера требаше да биде возбудлив ден за кулинарска сцена во Лос Анџелес, бидејќи познатиот ресторан Noma ги отвори вратите за гурманите од Јужна Калифорнија за 16-неделно поп-ап искуство.
Наместо тоа, денот на отворањето беше обележан со протест предводен од поранешни вработени кои тврдат дека работењето за основачот и главен готвач на Noma, Рене Реџепи, ги „скршило“. Неколку часа подоцна, Реџепи, кој е роден во Копенхаген и има потекло од тетовското село Џепчиште, соопшти дека поднесува оставка од позицијата главен готвач.
„По повеќе од две децении градење и водење на овој ресторан, решив да се повлечам и да им дозволам на нашите извонредни лидери сега да го водат ресторанот во следното поглавје“, рече Реџепи (48) на социјалните медиуми, ветувајќи им на фановите дека новиот тим „ќе продолжи заедно“ во својата резиденција во Лос Анџелес.
Noma, еден од најекстравагантните ресторани што некогаш биле отворени во Копенхаген, Данска, е енормно популарен и покрај цената од 1.500 долари по лице. Сите билети за поп-апот во Лос Анџелес во Силвер Лејк се распродадени.
И покрај тоа што беше избран за најдобар ресторан на листата на 50 најдобри ресторани во светот, зад сцената имало психичко и физичко насилство и злоупотреба од страна на Реџепи, според поранешни вработени, како што првично објави The New York Times.
Демонстрантите пред Paramour Estate во Силвер Лејк рекоа дека безброј работници доживеале „вистинска штета“ нанесена од Реџепи, додека бизнисот дозволил злоупотребата да трае две децении.
„Под гламурот и ѕвездите, работниците се турнати надвор од своите граници, работниците се удирани и се задушувани, работниците се понижувани, а соништата скршени“, рече Џејсон Игнасио Вајт, поранешен директор за ферментација во Noma.
Вајт, исто така, донесе писмо со барање на протестот во средата, барајќи, меѓу другото, спогодба и промена на раководството во Noma. Вајт рече дека ако не го добие тој договор до четврток, тој и неговите поранешни колеги ќе го покренат прашањето правно.
Реџепи се извини на Instagram пред да ја објави својата оставка, велејќи дека иако не ги препознава сите детали, признал дека неговото минато однесување и постапки биле „штетни за луѓето“ кои работеле со него.
Од отворањето во 2003, Noma беше прогласуван за најдобар ресторан на светот во 2010, 2011, 2012, 2014 и во 2021 година и стана поим за меѓународна луксузна кујна.