
Берзанските индекси на Волстрит значително пораснаа втор ден по ред, бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не планира да го смени претседателот на ФЕД и бидејќи ја ублажи реториката за царините на кинескиот увоз.
Индексот Dow Jones порасна за 1,07 отсто, на 39.605 поени, додека S&P 500 порасна за 1,67 отсто, на 5.375 поени, а индексот Nasdaq за 2,50 отсто, на 16.708 поени.
Континуираниот раст на индексот втор ден по ред е благодарение на пораките на Трамп од претходниот ден дека не планира да го смени претседателот на американската централна банка Џером Пауел.
Претходниот напад на Трамп врз Пауел пазарот го сфати како напад на независноста на централната банка, а цените на акциите нагло паднаа на Волстрит во понеделникот.
Сепак, тие ја надоместија таа загуба во последните два дена, бидејќи Трамп се повлече од заканите за Пауел.
Покрај тоа, Трамп ја омекна својата реторика за трговските односи со Кина, што беше протолкувано како покана за преговори за царини.
„Пораките на Трамп дека нема намера да го отстрани Пауел и дека може значително да ги намали царините за увоз од Кина се она што го сакаше пазарот и сега го доби“, рече Расел Прајс, економист во Ameriprise.
Во фокусот на инвеститорите се и кварталните деловни резултати на компаниите. Досега 110 компании од индексот S&P 500 објавија извештај, при што 75 отсто ги надминаа очекувањата во однос на заработката.
Сепак, сега аналитичарите проценуваат дека заработката на компаниите во првиот квартал пораснала во просек за околу 8,5 отсто, додека на почетокот на кварталот очекувале раст од 12 отсто.
Цените на акциите вчера пораснаа и на европските берзи. Лондонски FTSE индекс зајакна за 0,90 отсто, на 8.403 поени, додека франкфуртски DAX скокна за 3,14 отсто, на 21.961 поен, а париски CAC 2,13 отсто, на 7.482 поени.