СВР Скопје поднесе кривична пријава против четири лица во врска со вчерашната сообраќајна несреќа на ул. „Народен фронт“ во Скопје околу 11:30 часот, во која патничко возило Volkswagen Passat со скопски регистарски ознаки, управувано од С.С. (18) од Скопје, удри во Љ.Ј. (79) од Скопје, која почина од здобиените повреди, а возачот со возилото избега од местото на настанот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Веднаш по добиената пријава, полициски службеници презедоа мерки и активности за пронаоѓање на возачот и возилото. Преку камерите на „Безбеден град“ и дополнителни проверки на камерите на околните објекти, како и изјави на сведоци, утврдено е дека се работи за патничко возило Volkswagen Passat со скопски регистарски ознаки, сопственост на Б.С. (45) од Скопје, а управувано од неговиот син С.С. (18). Возилото е пронајдено пред домот на сопственикот, а таму е затекнат С.С. (69), кој е приведен во полициска станица и со него е извршен службен разговор. Утврдено е дека возачот С.С. (18) и неговиот татко Б.С. (45), со помош на Ш.П. (45) и А.Ј.(53) од Скопје, ја напуштиле државата во текот на вчерашниот ден. Ш.П. и А.Ј. се лишени од слобода и против нив е поднесена кривична пријава до ОЈО Скопје за сторено кривично дело Помагање на сторител во извршено кривично дело по чл. 365 ст. 2, а во врска со чл. 300 и 301 од КЗ. Против возачот С.С. (18) е поднесена кривична пријава за Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот по чл. 300 ст. 2, а во врска со чл. 297 ст. 1 од КЗ и за Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода по чл. 301 ст. 2, а во врска со чл. 300 ст. 2 од КЗ и се преземаат мерки за негово пронаоѓање и пронаоѓање на Б.С.. За двете лица распишана е потерница, а пронајдени се возилото Volkswagen Passat со кое е удрена жената и возилото Mercedes со кое С.С. и Б.С. ја напуштиле државата. И двете возила се одземени во полициска станица и известен е јавен обвинител за понатамошна постапка, стои во соопштението на МВР.