По повод 130 години од раѓањето на Сергеј Есенин, еден од најсветлите гласови на руската поезија, Рускиот центар при УКИМ објавува нов креативен конкурс.
„Поттик за овој повик беа извонредните препеви што ги добивме на минатиот конкурс посветен на Пушкин, творби што ја потврдија силата на зборот и убавината на поетскиот дијалог меѓу двата јазика. Со овој конкурс сакаме да ја разбудиме љубовта кон пишаниот збор и да го охрабриме творечкиот дух и кај најмладите, и кај возрасните. Задачата е предизвикувачка и благородна: препев на поезија од руски на македонски јазик“, објави Риски центар Скопје.
Право на учество на конкурсот имаат и деца и возрасни.
Творбите треба да се испратат на: ruskicentar.ukim@gmail.com со назнака „Креативен конкурс“, најдоцна до 30.10.2025.
Текстовите треба да бидат подготвени во Word-документ, со кирилична поддршка, Times New Roman, големина 12. Заедно со препевот задолжително треба да се приложи и оригиналот на руски јазик и информација во која возрасна група спаѓате.
Најуспешните преводи ќе најдат место во посебен зборник, посветен на јубилејот – како траен спомен и почит кон поетот, но и како сведоштво за живата креативна енергија на нашите автори.
Воедно, по повод јубилејот, во Рускиот центар ќе се одржи свечено отворање на уметничка изложба посветена на животот и делото ан Сергеј Есенин. Отворањето на изложбата ќе биде 3 октомври (петок) во 19 часот. Изложбата е обезбедена од страна на Амбасадата на Руската Федерација во РС Македонија.