
Во кафе-книжарницата „Буква“ на 17 јуни (вторник), со почеток од 20 часот, љубителите на современата македонска поезија ќе имаат можност да присуствуваат на промоцијата на новата стихозбирка „Куќичка на дрво не може да биде дом“ од поетесата и писателка Милена Сиљаноска.
Настанот се најавува како едно интимно и инспиративно поетско доживување, во кое стиховите ќе бидат во фокусот на вниманието, а промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, познавач на поетиката на младата генерација поети и мислители.
По година и пол од промоцијата на нејзиниот прв роман „Ронлива“, Сиљаноска повторно се враќа пред публиката, овојпат со поетска збирка која, како што стои во најавата, ги носи читателите од „Девојка од бронза“ кон „Изгорени од ова сонце“. „Што, зошто и како – зборуваме во вторник. П. С. ‘Куќичка на дрво не може да биде дом’, ама ‘Буква’ може“, се вели во поканата за настанот.
Стихозбирката „Куќичка на дрво не може да биде дом“ излезе од печат во јануари годинава, во издание на Издавачки центар ТРИ. Корицата, инспирирана од делото „Зимска тишина“ на Никола Пијанманов, симболично се претопува во стиховите на Сиљаноска, како снег што се топи и капе на првиот сончев ден.
Милена Сиљаноска, која во македонската книжевна јавност е препознаена по својата искреност, емотивност и длабочина, и овојпат нуди поезија која ги допира најранливите делови од човечката душа. Нејзината поезија, како што забележуваат критичарите, се одликува со суптилност, но и со храброст да се зборува за она што најчесто се премолчува.
Промоцијата во „Буква“ ветува топла атмосфера и можност за непосредна средба со авторката, која со секое ново дело потврдува дека поезијата сè уште има моќ да ги отвори најдлабоките прашања за домот, идентитетот и човечката блискост. Сите љубители на пишаниот збор се добредојдени да бидат дел од оваа поетска вечер и да откријат зошто „Куќичка на дрво не може да биде дом“.