Националната библиотека на Македонија информира дека започнува акција за заштита и промоција на стари ракописи, ретки и старопечатени книги кои не се нејзина сопственост.
Од библиотеката охрабруваат доколку имате публикација која е ретка, стара, вредна, да испратите мејл на direktor@nubsk.edu.mk, во кој ќе ги наведете основните податоци: автор, наслов и година на издавање.
Библиотеката потоа ќе формира специјална комисија која ќе направи проценка и ќе утврди дали станува збор за публикација која е од интерес и дали задоволува критериуми за старопечатена, ретка, како и услови за прогласување на културно наследство.
Оттаму додаваат дека доколку предложената публикација задоволува услови истата бесплатно ќе биде заштитена (преку реставрација, конзервација, укоричување и сè што е потребно) и дигитализирана.
„Постои можност истата да ви биде откупена, доколку се сложувате. Друга можност е да ја оставите на чување и користење во Библиотеката без да ви биде нарушено правото на сопственост (во секое време да си ја повлечете) за што ќе добиете официјален договор. Трета можност е веднаш по дигитализацијата да ви биде вратена. Дигиталната копија ќе биде објавена на онлајн платформата од Библиотеката и ќе биде јавно достапна за нашите корисници“, стои во соопштението на Националната библиотека на Македонија.
Се додава дека за публикациите за кои ќе биде утврдено дека исполнуваат услови за прогласување на културно наследство од страна на експертскиот тим од Библиотеката ќе бидат изработени елаборати кои ќе бидат испратени до Управата за заштита на културното наследство.
„Националната библиотека е неуморен чувар на пишаниот збор повеќе од еден век, наша примарна задача е да го зачуваме културното наследство“, велат од установата.