Со силни и долготрајни аплаузи и овации на 25 август во Куршумли-ан се одржа македонската премиера на новиот долгометражен документарен филм „Планината не оди никаде“ на словенечката авторка, режисерка и продуцентка Петра Селишкар. Премиерата се одржа во рамки на програмата на 16-тиот МакеДокс.
Публиката во исполнетиот до последно место Куршумли-ан во еден здив ја проследи приказната за браќата кои со своето стадо овци најголемиот дел од годината го поминуваат високо во планината, на околу 2.400 метри надморска височина под врвот Солунска Глава. Покрај овците, браќата се опкружени и заштитени од 30-ина шарпланинци, кои се во нивната непосредна близина додека ги исполнуваат секојдневните обврски. Единствениот контакт со цивилизацијата се нивните мобилни телефони, со кои ако сакаат да воспостават контакт мораат да се искачат на околните планински врвови.
На премиерата на филмот присуствуваа тројца од браќата – протагонисти во приказната – Зекир, Басри и Бесам, како и нивниот пријател Марјан. Во Куршумли-ан беше присутна и филмската екипа што работеше на најновото документарно остварување на Петра Селишкар.
По премиерната проекција на МакеДокс, режисерката Петра Селишкар изрази огромна благодарност до филмската екипа на соработката во изминатите, речиси, шест години, колку што траеше продукцијата на филмот, и огромна благодарност до протагонистите на трпението и искрените намери со кои ја прифатија идејата и филмската екипа во нивниот планински дом.
Режисерката Селишкар рече дека иако потекнува од Словенија, која е позната како планинска земја, сепак прва вистинска средба со животот во планината ја направила во текот на снимањето на филмот и дека открила еден свет што не го познавала.
Со искрена и возбудена емоција и протагонистот Зекир се обрати кон публиката, искажувајќи благодарност за времето што го посветиле да го гледаат филмот во кој тој е протагонист, посакувајќи им на сите да се гледаат само за убаво. За возврат од публиката доби искрени аплаузи, а прашањата што беа поставени се однесуваа на условите во кои живеат, но и на начинот на живот со толку многу кучиња кои им се неопходни за чување на стадото овци во планината. Зекир едноставно одговори дека кучињата имаат внимателен и грижлив однос кон луѓето, а стануваат агресивни кога кон стадото ќе наближи некое диво животно.
Филмот е реализиран како копродукција помеѓу Словенија, Франција, Македонија преку продуцентските куќи „Петра Пан Филм“ (Словенија), „Синефаж продукција“ (Франција), ППФП (Mакедонија) во копродукција со RTV Slovenija.
Сценариото го потпишуваат Петра Селишкар и Танкред Ривиер, директор на фотографија е Бранд Ферро, монтажери се Лорелин Делом и Сашко Потер Мицевски, музиката е на Изток Корен, дизајнот на звук е на Владимир Ракиќ, додека фоли-артист и едитор на звучни ефекти е Вера Галешев. Продуценти се Петра Селишкар, Виктор Еде и Сара Ферро, а извршни продуценти се Бранд Ферро и Ивана Нацева.
Филмот досега е прикажан на 10 фестивали, со 2 номинации и 2 награди, а до крајот на годината веќе е поканет на уште многу фестивали. По фестивалската патека ќе започне редовна дистрибуција во повеќе земји, вклучително и во македонската Кинотека.
Целосната програма на фестивалот МакеДокс може да се пронајде на официјалната веб-страница на МакеДокс (www.makedox.mk), а може да се симне и мобилната фестивалска апликација.
Партнери на МакеДокс се ППФП, МКЦ - Младински културен центар, Кинотека на Македонија и фестивалската мрежа Doc Around Europe.
Шеснаесеттото издание на МакеДокс е поддржано од Агенција за филм на Република Северна Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Институтот „Јунус Емре“ - Скопје, Амбасада на Франција, Француски институт, Амбасада на Кралството Холандија, Австриска Амбасада, Казино Австрија, Грчки филмски центар, Гете институт, Скопско смут, Амбасада на Република Чешка, Чешкиот културен центар во Софија, Младинскиот културен центар, Музеј на Македонија, Археолошки музеј, Факултет за ликовни уметности, такси „Глобал“.
Медиумски покровители на 16-тиот МакеДокс се МТВ - Прв програмски сервис, Слободен печат, Нова Македонија, Кајгана Медиа, Еспресо.мк, МКД.мк, УМНО.мк, СДК.мк (Сакам да кажам.мк), Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена 5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк, Култура Бета, Трн, Блен.мк и Медуза.