Почнува деветтото издание на книжевно-мултимедијалниот фестивал „Артерија“, културна манифестација која веќе девет години по ред ја претвора современата книжевност и уметност во точка на пресек на различни креативни полиња.
ArtArea/Артерија и годинава ја задржува својата препознатливост како простор за интегративно и интерактивно културно дејствување, нудејќи богата програма што ја обединува книжевноста со музика, визуелни уметности и современи медиуми.
Централна тема на овогодишното издание е „Македонската алтернативна музика“, на која ќе ѝ биде посветен целиот втор фестивалски ден, преку изложба, музичка панел-дискусија, видеоарт-презентации, поетско-музички настапи и концерти на актуелни македонски музичари. Во текот на трите фестивалски дена, публиката ќе има можност да проследи шест книжевни разговори со автори и критичари, изложба на фотографии, како и настапи во живо од млади музички имиња од алтернативната сцена.
Фестивалот ја задржува својата мисија да создаде динамична средба помеѓу пишаниот збор, современата музика и мултимедијалното експериментирање, при што Скопје повторно ќе биде домаќин на настан кој ја истакнува виталноста на македонската културна сцена.
Целосна програма на фестивалот:
Тема во фокус – Македонска алтернативна музика
Изложба на фотографии „Состојба на нештата – возила“ од Наташа Гелева-Лени
19:00 – Разговор за книгата: „Опашка од конец“ од Оливера Ќорвезироска (Бегемот, 2025), разговараат Владимир Мартиновски, Владимир Јанковски и Оливера Ќорвезироска
20:00 - Разговор за книгата „Потклек“ од Љупчо Петрески (Бегемот, 2025), разговараат Катерина Шекутковска, Душица Лазова и Љупчо Петрески
21:00 – Разговор на книгата: „небо трето“ од Ѓоко Здравески (Бегемот, 2025), разговараат Николина Андова-Шопова и Ѓоко Здравески, музичка придружба Дејан Спасовиќ и Перица Сарџоски
22:00 DJ сет MamaMixa
(Продажба на плочи и музички материјали: Re:start)
19.00 – Панел-дискусија: Македонската алтернативна музика низ годините (модератор: Јане Алтипармаков, учесници на панелот Васко Марковски, Елеонора Стојановиќ, Раде Биковски, Филип Букршлиев и Ивица Димитријевиќ)
20:00 – Видеоарт омнибус: „The Hip – Reality Overdrive“ од Јане Алтипармаков
21:00 - Соло-концерт Мартин Џорлев
21:30 – Џем сесија на колективот Гола Планина
22:30 – Концерт во живо на Mallard
19:00 - Разговор за книгата: „Антисвет“ од Ана Тодоровска (Илика, 2025), разговараат Марија Велинова и Ана Тодоровска
20:00 - Разговор за книгата: „Микроскоп, телескоп, стетоскоп“ од Васко Марковски (Бегемот, 2025), разговараат Владимир Мартиновски и Васко Марковски
21:00 – Разговор за книгата: „Збирно место“ од Тони Димков (Бегемот, 2025), разговараат Филип Димевски и Тони Димков
Фестивалот се одржува со поддршка од програмата за култура на Град Скопје.