Во амбиентот на старата скопска културна ризница – Даут-пашиниот амам, синоќа се отвори тринаесеттото издание на интернационалниот фестивал „ПРО-ЗА Балкан“.
Вечерта ја отворија сведоштва на автори од различни балкански земји, кои преку своите лични приказни зборуваа за јазикот, пишувањето и границите на човечкото искуство. Главна фигура беше словенечкиот писател Евалд Флисар, годинашниот добитник на наградата „Прозарт“, еден од најчитаните и најпреведуваните автори од регионот.
Програмата оваа година е богата со автори чија книжевност ја надминува сопствената културна матрица, а сепак останува длабоко вкоренета во неа. На фестивалската сцена се појавија и српскиот писател и поет Небојша Лапчевиќ, бугарската драматургинка и сценаристка Елена Алексиева, словенечката писателка за деца и млади Јана Бауер, како и македонските книжевни претставнички – поетесата и романсиерка Лидија Димковска и прозната авторка Хана Корнети.
Добредојде на гостите им посакаа основачите на фестивалот Дејан Трајкоски и Александар Прокопиев, заедно со писателот Владимир Јанковски, а вечерта ја обележаа искрени сведоштва за смислата на пишувањето, за границите на човечкото искуство и за улогата на литературата во современиот свет.
Во своето обраќање, Евалд Флисар проговори за повеќеслојноста на човечката личност и ликoвите во своите дела, нагласувајќи дека тие стануваат вистински само кога содржат повеќе аспекти од човековата природа. Особено внимание предизвика неговата приказна за магијата на бројката 13, која, вели тој, постојано се враќа во неговиот живот.
„Ако не ја напишев драмата ‘Тристан и Изолда’, најверојатно немаше да ја добијам 13-та награда ‘Прозарт’“, рече Флисар, објаснувајќи зошто токму оваа бројка за него не е симбол на несреќа, туку на сопствена среќна судбина.
Флисар беше придружен од својата сопруга, Јана Бауер, која со носталгија се потсети на детството и времето на „усните приказни“. „Живеев во аналогно време, кога имавме многу повеќе анегдоти. За мене како дете магичното беше бегство од реалноста, а тоа и денес ме инспирира во пишувањето“, сподели таа.
Бауер зборуваше и за својата заложба за интеркултурен дијалог и значењето на преводите на „мали јазици“, сметајќи ги тие како мостови кон пошироката европска книжевна сцена.
Меѓу домашните автори, публиката ја слушна Лидија Димковска, која растела во скопско работничко семејство и се потсети на детската мантра: „Скопје е во Македонија, Македонија е во светот“. Таа зборуваше за надминувањето на личните граници преку книжевноста, додавајќи:
„Судбината на другиот е и наша, ако умееме да ја препознаеме. Литературата е реалност и прво ние треба да поверуваме во неа – за потоа да поверуваат и читателите“.
Бугарската авторка Елена Алексиева говореше за пишувањето како за интуитивен процес, а не механика. „Пишувањето е особена состојба на мислење, различна од секојдневното“, рече таа, инсистирајќи дека творечкиот чин е секогаш поголем од самиот автор.
Српскиот писател Небојша Лапчевиќ го сврте вниманието кон темите на убавината, душата и историјата. Зборувајќи за својата опера „Лазарево време“, ја нарече „капитален проект“, притоа потенцирајќи: „Уметноста има обврска само кон убавината. Писателот треба да гледа целина, не делови – инаку паѓа во апстрактна претенциозност“.
Вечерта ја заокружи авторката Хана Корнети. Таа зборуваше за искуството на живеење меѓу култури и ја потенцираше важноста на внимателното слушање. „На мајчиниот јазик секогаш можеме најпрецизно да се изразиме. Пишувањето е задоволство, но и многу работа“, истакна таа.
Денеска фестивалската програма продолжува со прес-конференција и средба во Куќата на Европа, а вечерта предвидува тркалезна маса на тема „Војни, вештачка интелигенција, литература“. Паралелно, во книжарницата „Буква“ ќе биде промовирана книга од Јана Бауер.
„Скопје фелоушип“ годинава е дел од проектот „Нашата мала библиотека“, со учество на 15 издавачи од цела Европа, вклучително и претставници на водечки книжевни институции.
Организатор на фестивалот е „Прозарт медиа“ од Скопје, а манифестацијата се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам, како и низа европски и регионални културни организации.