Националната универзитетска библиотека на Македонија објави јавен повик со кој ги поканува студентите да учествуваат во снимањето на аудио верзија на капиталното дело „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков. Ова ќе биде првата аудио книга што ќе ја подготви Библиотеката во рамките на својата годишна програма за 2025 година.
Проектот се реализира во чест на јубилејната година за македонскиот стандардизиран јазик и има за цел да им овозможи на студентите активно да се вклучат во негова промоција и афирмација преку современи медиумски форми.
Повикот е наменет за сите студенти запишани на прв циклус студии, кои имаат интерес и гласовни способности да се пријават за улогата на наратори/спикери. Заинтересираните можат да испратат кратка апликација со контакт податоци на електронската адреса: kliment@nubsk.edu.mk.
Сите пријавени кандидати ќе бидат повикани на аудиција во студиото на Националната библиотека, каде ќе се изврши изборот на читачи за ова култно дело. Крајниот рок за пријавување е 14 септември 2025 година.
Со овој потег Националната библиотека дава можност на младите да бидат дел од важен јубилеен проект кој го спојува наследството на Мисирков со современите начини на зачувување и ширење на културното богатство. Аудио книгата ќе биде достапна за пошироката јавност, со цел да се овозможи полесен пристап до значајни дела на македонската културна историја.