Посвежото и претежно сончево време ќе се задржи до средината на следната седмица, а потоа следува постепено затоплување, при што за време на викендот максималната температура во земјава ќе достигне до 34 степени, покажува прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи.
Утре, 14 септември, утрото ќе биде свежо, а дневните температури ќе достигнат до 30 степени. Според прогнозата на УХМР, во Скопје се очекуваат од 10 до 27 степени, во Гевгелија од 15 до 30, во Тетово од 13 до 26, во Прилеп од 12 до 26, во Штип од 10 до 27, а во Струмица од 11 до 28 степени.
Во Охрид се очекуваат температури од 9 до 26 степени, во Демир Капија од 11 до 29, во Берово од 8 до 24, во Битола од 11 до 25, во Крива Паланка од 8 до 25, во Маврово од 7 до 20, а во Велес од 12 до 27 степени. До крајот на новата работна седмица ќе преовладува претежно сончево време со мала до умерена облачност. Во вторник, сепак, во северните делови од земјава наместа ќе има услови за повремен дожд.
До среда ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, по што ветерот ќе го промени правецот и ќе дува од југоисток.
Во вторник максималните температури ќе бидат од 23 до 29 степени, а во среда од 24 до 30. Позначително затоплување се очекува од четврток, кога дневните температури ќе се движат од 27 до 32 степени. Во петок ќе достигнат од 28 до 33, додека во сабота се прогнозираат максимални температури од 27 до 34 степени.
Минималните температури во вторник и среда ќе бидат од 8 до 16 степени, во четврток од 10 до 18, во петок од 11 до 18, а во сабота од 11 до 19 степени.
Според прогнозата на УХМР, така, по посвежиот почеток на седмицата и можноста за локален дожд на север во вторник, во втората половина од неделата повторно ќе следува потопло и претежно сончево време.