Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен директор на ЈП „Национални шуми“ за Злоупотреба на службената положба и овластување.
„Пријавениот В.Г. (52) од Битола, поранешен директор на ЈП 'Национални шуми', ја злоупотребил службената положба и овластување на тој начин што во периодот од 13.02.2023 до 07.05.2024 склучил и потпишал 8 договори за купопродажба на опожарена дрвна маса со 6 правни лица, при што во договорите се повикал на ценовник за цени на дрвни сортименти кој во моментот бил неважечки и во кој биле наведени пониски цени од важечкиот ценовник“, соопшти МВР.
Во сите 8 склучени договори за купопродажба на опожарени дрвни сортименти биле наведени цени од ценовник од 05.12.2014 и во кој цените биле пониски од важечкиот ценовник од 21.07.2022 година. Сите 8 договори биле реализирани со што пријавениот овозможил 6 правни лица да се стекнат со имотна корист од 2.053.838 денари и за тој износ била предизвикана штета на ЈП „Национални шуми“.