Македонскиот национален тим во Инчон, Јужна Кореја започнува со својот настап, каде ќе ја претставува Македонија на FIRST Global Challenge - најголемата Олимпијада по роботика која ќе се одржи од 7 до 10 октомври 2026-та година.
Оваа година Oлимпијадата има за цел да одговори на актуелен глобален предизвик. Преку натпреварот учесниците имаат задача на симболичен начин да го решаваат проблемот со дивите пожари користејќи ја роботиката. Роботот кој го конструираа, треба да извршува мисии на теренот кои симулираат гасење пожари, спасување на ресурси и справување со оваа природна катастрофа.
FIRST Global Challenge секоја година обединува млади луѓе од над 190 држави во светот. Оваа Oлимпијада промовира меѓународна соработка преку науката и технологијата. Преку заедничко решавање на реални проблеми учесниците учат како да ги користат своите вештини за градење соработка помеѓу различните нации со фокус на тоа дека глобалните проблеми бараат заеднички решенија.
Почетоците на националниот тим датираат од 2019 година, и оттогаш тој континуирано се развива преку колективниот труд на генерации млади таленти. Во 2022 година тимот оствари значаен резултат освојувајќи бронзен медал во конкуренција од над 190 држави. Континуитетот на добрата работа беше потврден и минатата година на олимпијадата во Панама каде што македонските претставници беа наградени со две меѓународни признанија.
Тимот е подготвен да ја претстави нашата држава на најголемата светска сцена докажувајќи дека македонските млади иноватори имаат знаење визија и капацитет рамо до рамо со најдобрите во светот да креираат решенија за подобра иднина.
Тимот кој ја претставува Македонија годинава се состои од 2 ментора: Јаков Спировски и Давид Маневски, и 7 средношколци од различни средни училишта: Марко Јанкулоски - СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“, Димитриј Митковски - СУГС „Георги Димитров“, Бодан Николов - ПСУ „QSI“, Марија Стојчевска - СУГС „Орце Николов“, Филип Милковски - СУГС „Владо Тасевски“, Даниел Христовски - ПСУ „Јахја Кемал“, Тимотеј Николовски - СЕТУГС „Михајло Пупин“.