Кандидатот за градоначалник на Општина Аеродром, Дејан Митески, изјави дека општината самоиницијативно се справува со зголемените количества отпад, иако надлежноста за комуналната чистота е на Град Скопје.
„Сликата е жалосна во цело Скопје, но ние во Аеродром не чекаме – дневно депонираме повеќе од 10 тони отпад во Дрисла“, изјави Митески.
Нагласи дека, пред да се воведат казни, неопходно е граѓаните да имаат услови каде да го одлагаат отпадот.
„За прв пат како општина воведовме редовни акции коишто траат два месеца на пролет и на есен за одлагање на кабаст отпад, понудивме услуга преку нашето јавно претпријатие да може на повик, граѓаните дојдат и го депонираат отпадот за симболичен надоместок, за прв пат лиценциравме јавно комунално претпријатие коешто може да одвезува и да транспортира неопасен отпад“, рече Митески.
Во гостување на „Топ тема“ на Телма на дебата со неговиот против кандидат во вториот круг, тој додаде дека Аеродром веќе има лиценцирано јавно комунално претпријатие што може да одвезува и транспортира неопасен отпад.
Покрај тоа, Митески најави и дел од инфраструктурните и еколошките проекти од програмата – топлификација на Лисиче, нов културен дом и зелена офанзива со засадување нови садници во соработка со инвеститорите.