Утре, 18 септември, со почеток во 17:30 часот пред Министерството за внатрешни работи, а потоа и во 18:00 часот со блокада пред Жена Парк Борец, ќе се одржи протест под мотото „Ниту една повеќе!“. На протестот повикуваат организациите Мрежа Стела, Медуза, Маргини, Реактор, ХЕРА, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Тиииит инк. и Платформата за родова еднаквост, со поддршка од иницијативата „Кој е следен?“.
Организаторите нагласуваат дека протестот е реакција на колективниот крах на институциите – полицијата, обвинителството, судството и центрите за социјална работа – кои и покрај пријавите и повиците за помош не успеваат да спречат континуирано насилство врз жени кое сè почесто завршува со фемицид.
Според организаторите, секој нов случај на убиство на жена од сегашен или поранешен партнер претставува трагичен доказ за неефикасноста на системот. Тие потсетуваат дека последниот фемицид, во кој жртва е Росица, можел и морал да биде спречен.
„Животите на најмалку 20 жени беа изгубени во последните пет години како резултат на повторувано родово базирано насилство, и тоа е црна статистика што алармира за системска запуштеност и општествена рамнодушност“, велат од организациите.
Иако со измените на Кривичниот законик во 2023 година Северна Македонија стана првата земја во регионот што го криминализираше фемицидот, како и прогонувањето, сексуалното вознемирување и осакатувањето на женските гениталии, најновите случаи покажуваат дека правната рамка не е доволна без конкретна и ефикасна примена.
Протестот има за цел да испорача јасни барања до институциите и јавноста, поделени во четири области:
- Институционална одговорност и санкции: итни оставки и дисциплински постапки за службени лица кои не постапиле навремено, како и независна истрага за институционалните пропусти.
- Специјализирани механизми за заштита на жените: воспоставување задолжителни протоколи за полицијата, обвинителството, судството и центрите за социјална работа, како и поголеми ресурси и обуки.
- Законска рамка и стратегии за превенција: целосно спроведување на законите за фемицид, обуки за судии и обвинители и развивање национална стратегија за превенција со конкретен акциски план и буџет.
- Општествена одговорност и јавен притисок: прекин на практиките за заштита на насилниците од страна на политички партии, бизниси и медиуми, како и поттикнување на јавноста да се мобилизира и да изврши притисок за системски промени.
Организациите кои стојат зад протестот нагласуваат дека молкот, калкулирањето и одбивањето на одговорност придонесуваат за ескалација на насилството.
„Секој игнорантен став и секое вртење на главата на страна е дел од проблемот. Животите на жените не смеат да бидат трошење што системот го прифаќа како нормално“, се вели во повикот.
Протестот е отворен за сите граѓани, организации и медиуми кои сакаат да придонесат во пораката дека женските животи мора да бидат приоритет, а институциите итно и безусловно задолжени за нивна заштита.