Сојузот на борци од Тетово испрати барање до пратениците да направат законски измени со цел да се забрани именување на улици и објекти во чест на фашистички и нацистички борци, фашистички организации и нивни соработници.
Тие од Собранието бараат да се направат измени на Законот за определување на имиња на улици, по принципот на Законот за здруженија и фондации, а со цел да се спречи поставување на имиња поврзани со фашистичка и нацистичка идеологија. Барањето го испратиле до координаторите на парламентарните партии од т.н. македонски блок, односно ВМРО-ДПМНЕ, Левица, СДСМ и ЗНАМ.
„Очекуваме собранието да биде конзистентено на своите претходни одлуки од 2022 година. Како што не е дозволиво и не е во ред да се регистрираат фашистички здруженија на граѓани, исто така, не е во ред да се определуваат имиња на улици со имиња на фашисти и нивни соработници. Затоа очекуваме дека пратениците, пратеничките групи ќе бидат кооперативни и помеѓу себе, а и кон Сојузот на борци и ќе ја препознаат потребата од подобрување на законската регулација и соодветни измени ќе влезат во собраниска процедура веднаш“, изјави Даријан Сотировски во Дневникот на Телма, кој член на претседателството на Сојузот на борци од Тетово.
Реакцијата доаѓа по објавувањето на списоците со над 200 имиња за улици кои Општина Тетово сака да ги искористи за преименување и за кои Сојузот на борци во неколку наврати реагираше, бидејќи содржат имиња на контроверзни личности што официјалната македонска историја ги евидентира како дел од фашистичката идеологија.