Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во изјавата за промоција на изборната коалиција за претстојните локални избори на новинарско прашање во однос на депониите „Вардариште“ и „Дрисла“ посочи дека се работи за подметнати пожари за кои веќе има приведени и осомничени лица истакнувајќи дека е обезбедена градежна механизација, која од денес таму ќе биде во функција.
„Апсолутно, како Влада и како институции ги преземаме сите мерки, да немате дилема, за ‘Вардариште’ знаете дека имаме веќе приведени и осомничени лица, кои ја користеле илегалната депонија ‘Вардариште’, која постои повеќе, би рекол, неколку децении, која е со габарит поголем од 20 хектари, за да произведуваат метали, што потоа нелегално ги продаваат, тие лица се откриени, тие лица се приведени, од вчера има приватна агенција за обезбедување, здружено ангажирана од неколку општини. Истовремено, како Влада и како институции, преку општествено одговорни компании обезбедивме градежна механизација, која веќе денеска ќе биде во полн состав таму. ‘Вардариште’, би рекол, е обезбедено, останува ‘Дрисла’“, вели Мицкоски.
Мицкоски рече дека проблемот со „Дрисла“ ќе биде саниран за една недела, а воедно и дека Министерството за внатрешни работи ќе ги разгледува причините за повторното распламтување на пожарот по неговата санација.
„’Дрисла’ во текот на вчерашниот ден, би рекол, е речиси санирана, но од некои чудни причини при крајот на ноќта повторно се распламти и за тоа денеска ќе се занимава Министерството за внатрешни работи. Имав разговор и со министерот, на линија сме со директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, со овие општествено одговорни компании очекувам денес, утре, тој проблем да биде саниран. Она што со децении не е санирано, она за што со децении никој не водел сметка, еве за неколку дена, би рекол, за една недела ќе успееме да го санираме, јас сочувствувам апсолутно со секој оној граѓанин што го чувствува сето ова“, укажа Мицкоски.
Тој наведе дека е чудно како може пожар, кој е смирен и ставен под целосна контрола, повторно да се активира потенцирајќи дека сите виновници ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
„Но, чудно е како во одредени јавни претпријатија, каде што свои кадри има ДУИ, се случуваат вакви работи, чудно е и тоа ќе го истражиме и ќе обезбедиме соодветни докази како може пожар што беше речиси смирен, односно ставен под контрола, наеднаш да се распламти и како токму сега откога успешно се справивме со пожарите. Во околните држави имаше жртви, повредени, иселени градови и така натаму, а кај нас сето тоа беше цело лето успешно завршено и покрај диверзиите што ги имавме на почетокот на летото, наеднаш сега да се случува ова пред локалните избори. Вистинското прашање и вистинскиот одговор на ова прашање – кому сето ова му одговара. Но, ние нема да се занимаваме сега со тоа. Сега работиме да го решиме проблемот, потоа ќе се занимаваме. И да знаете дека сите виновници ќе бидат изведени пред лицето на правдата “, рече Мицкоски.