„Зелен хуман град“, денеска, преку нивниот советник во Град Скопје, Марјан Калевски, поднесе иницијатива за забрана на огномет на територијата на град Скопје.
Од таму појаснуваат дека со иницијативата се забранува употреба на експлозивни материи од физички и правни лица за прослави и забава – практика што со децении ја загрозува животната средина, како и здравјето и безбедноста и на луѓето и животните.
„Огнометите ослободуваат огромни количини ПM 2,5 и ПM 10, токсични гасови (CO, SO₂, NOx), како и тешки метали, како што се бариум, бакар, стронциум и олово, кои ги загадуваат почвата, воздухот и водата. Последиците директно ги погодуваат најранливите групи: децата, бремените жени, лицата со астма, ХОББ и кардиоваскуларни заболувања. Научните студии покажуваат значителни скокови во загадувањето на воздухот и водата по огномети, со сериозни ефекти врз дивиот свет и луѓето.
Бучавата и интензивната светлина предизвикуваат тешки психолошки и сензорни реакции: анксиозност, панични напади, флешбекови кај лица со синдром на посттрауматски стрес, сензорен колапс кај лица со аутизам или сензорни нарушувања, како и ризик од епилептични напади кај лицата со фотосензитивна епилепсија. Овие последици се научно докажан сериозен ризик за здравјето“, велат од граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“.
Исто така, додаваат дека последиците врз животните се драматични. „Речиси 70 -75 % од домашните миленици доживуваат силен страв, тресење, паника, обиди за бегство и повреди, а кај дивите животни се документирани масовни пцовисувања, особено кај птиците. Кај животните огнометите предизвикуваат висок стрес, дезориентација, бегство и смрт“, велат од таму.
Појаснуваат дека Законот за заштита од експлозивните материи во член 36 веќе предвидува забрана за употреба без дозвола и стручно лице, но овој закон речиси никогаш не се почитува.
„Ги повикуваме сите советнички групи во Советот на Град Скопје да ја поддржат иницијативата. Да покажат дека здравјето на луѓето и животните, на најранливите жители на Скопје, ни е на прво место на сите“, велат од „Зелен хуман град“.