Здружената иницијатива „Зелен хуман град“, која во Советот на Град Скопје има двајца свои претставници, остро реагираше на најавата на премиерот дека партијата на власт ќе бара фирма која преку јавно-приватно партнерство ќе управува со депонијата Дрисла.
Оттаму потсетуваат дека токму оваа власт веќе еднаш го спроведе истиот модел кој, наместо решение, донесе изгубена деценија и нула реализирани инвестиции. „Отпадот заврши во рацете на криминалци кои вршеа нерегулиран увоз на отпад“, наведуваат од иницијативата и додаваат дека Македонија е меѓу земјите каде што најлесно се внесува нелегален отпад поради слабата легислатива и уште послабата имплементација.
„Се нарекувате патриоти, но нема попатриотски чин од заштита на животот и здравјето на жителите на Македонија“, порача „Зелен хуман град“, потенцирајќи дека илјадници луѓе годишно умираат поради загадениот воздух, а властите продолжуваат да носат политики од кои профит имаат само блиски приватни интереси. Тие нагласуваат дека со години нудат издржани решенија за управување со отпадот што обезбедуваат и здравствена и еколошка заштита, но институциите остануваат глуви за нивните предлози.
Според иницијативата, досегашните политики само ги третираат симптомите, додека потребно е системско решение што ќе го елиминира коренот на проблемот – самиот концепт на депонирање. Тие предлагаат стратегија базирана на современи еколошки стандарди за нула отпад: поставување дисперзирани компостари во секое маало за биоотпад, кој претставува 60 до 80 проценти од градскиот комунален отпад; изградба на постројки за преработка на градежен шут; масовни јавни кампањи за селекција на стакло, метал, пластика, хартија и електронски отпад; поттикнување работилници за поправка и реупотреба на мебел и електроуреди. Останатите количества отпад, велат тие, државата може да ги извезува во земји со функционални институции, наместо да продолжи со практика на труење на локалниот воздух, почва и вода.
Во нивната реакција се предупредува и дека јавно-приватното партнерство не носи ништо друго освен „капиталистички екстрактивизам“ и „приватизација на јавното на мала врата“.
„Јавните добра се претвораат во роба, приватниците бараат гарантиран профит на 20 или 30 години, додека ризиците и штетите остануваат на граѓаните. Во Дрисла не му требаат странски пари ниту валкани бизниси за перење совест. Нам ни треба нашите јавни пари да се вложат во приоритетите кои ги бараат граѓаните, а не да завршуваат во џебовите на корумпирани политичари“, истакнуваат од иницијативата.
„Зелен хуман град“ порачува дека македонските власти имаат обврска да ги следат примерите на современите општества кои тежнеат кон нула отпад, наместо да се закопуваат во модели од минатиот век кои се покажале само како извор на нова корупција и дополнителна штета по граѓаните и по животната средина.