Во центарот на Белград, пред полициската станица Савски Венац, рано утрово околу 4 часот, 24-годишна државјанка на Босна и Херцеговина со нож нападнала полицаец на должност, кој потоа ја ранил во ногата, јавува Telegraf.rs.
Според српските медиуми, инцидентот се случил на влезните скали на станицата. Полицискиот службеник прво се обидел да избегне повеќе напади и да ја совлада девојката, но таа не се откажала од нападот и покрај неговите предупредувања. За да се одбрани, полицаецот бил принуден да го употреби службениот пиштол и ја застрелал во ногата.
Девојката по инцидентот веднаш била пренесена во Военомедицинската академија (ВМА). Според првичните информации, таа е свесна, комуникативна и има повреда на долниот екстремитет. Полицијата спроведе истрага на лице место. Мотивот за нападот врз службеното лице засега е непознат и ќе се утврди за време на детална истрага што ќе ја спроведат надлежните органи.